Анализите направени на примероци од пченкарно брашно од Србија утврдиле присуство на афлатоксини над дозволено ниво, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

-Агенцијата за храна и ветеринарство ја прошири и засили инспекциската
контрола и за производите од пченка – пченкарно брашно и пченкарен гриз.
Во текот на минатата и оваа недела, направени се и дополнителни
контроли во внатрешниот промет. По направените лабораториски анализи на
земените мостри од пченкарно брашно увезено од Србија, во неколку
примероци е утврдено присуство на афлатоксини над дозволеното, што не
одговара на условите пропишани во Правилникот за општите барања за
безбедност на храна, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Се работи за околу четириесеттина тони брашно увезено преку повеќе увозници од кое, поголемиот дел воопшто не бил пуштен во промет, односно се наоѓал во магацините на увозниците. По наредба на Агенцијата, од пазарот се повлекуваат околу 10 тони пченкарно брашно.

Направени биле и дополнителни контроли на увозната (замрзната) пченка наменета за исхрана на луѓето, која е по потекло од оваа земја. Земени биле мостри за лабораториско испитување од различни увозници, но не е утврдено присуство на микотоксини – афлатоксини.

OhridNews