„Антологија на ловорот“ е студиозна ретроспектива на македонистичката прличевистика, од самите почетоци на македонската филологија (Крум Тошев, Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, Михајло Петрушевски…), преку творечкото оживотворување на ликот и делото на Прличев во македонската поезија (Б. Конески, Гане Тодоровски, Георги Сталев, Ристо Лазаров, Раде Силјан, Бранко Цветковски…), во македонската проза (Георги Сталев, Коста Фортомар…). Ја опфаќа и македонската драма (Иван Точко, Димче Маленко, Витомир Митевски, Блаже Миневски, Венко Андоновски, Зоран Пејковски) до охридските чествувања на ловороносецот од востановувањето на „Прличевите беседи“ во 1953 година (по идеја на Борис Бојаџиски, Блаже Конески, Блаже Ристовски и други) до инспиративните искажувања на светските прличеволози во почетокот на 21. век и промислените помакедончувања и препевања на епохалните поеми на Прличев „Сердарот“ и „Скендербеј“ (Георги Сталев, Михајло Петрушевски, Тодор Димитровски, Паскал Гилевски, Сергеј Главјук и други).
Книгата ќе биде промовирана во рамките на годинешниве „Прличеви беседи“ во Куќата на Прличев на 6 февруари.












