Корисни совети и препораки за заштита на здравјето во есенските денови, но и актуелни теми од областа на современата медицина, ќе најдете во третото издание на бесплатниот едукативен магазин за здравје и современ живот „Наше Здравје“, што вчера излезе од печат.

Меѓу другото, ние ја ослушнавме практиката, но и временската прогноза и годишното време, па така, подготвивме текстови и корисни совети за актуелните проблеми од кашлицата и настинките, се осврнавме на секогаш актуелното прашање за болеста на дојките, за проблемите на насмевката што извира од нашите заби во устата и како сето тоа да го спречиме и лечиме. Ја подготвивме и новата рубрика „Родители и деца“, во која донесуваме текст за стравовите што се јавуваат кај децата. Тоа е актуелна и поучна тема, секако, особено сега кога од нив се бара повеќе да учат, зашто ги чека тестирање, а оптоварени се со големиот број часови, но и разните фобии што се јавуваат во фазата на растот и развојот на децата. – вели главниот и одговорен уредник на магазинот Марица Угриновска Баткоска.

Во третото издание на „Наше Здравје“ уште ќе прочитате статии за корисните својства на билките, за причините за пад на имунитетот, за лековитите својства на Морската вода и зошто таа треба да се применува секојдневно, кои се причините за појава на Хеликобактер, како правилно се употребуваат капките за нос, за правилната употреба на витаминит К, можностите на естетската стоматологија и многу други информации од областа на здравјето и современиот живот.

Издавач на магазинот „Наше здравје“ кој со квалитетот и корисните содржини за кус период се етаблира во поширокиот Охридско-струшки регион е ланецот аптеки „Виа Фарм“ во соработка со Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“. Главен и одговорен уредник на магазинот е Марица Угриновска Баткоска – магистер по фармација, извршен уредник е новинарот и главен и одговорен уредник на порталот „OhridNews“ Горан Момироски, графичкиот дизајн е на Антонио Стаматоски, стручен соработник е искусниот новинар Мишо Китаноски, а техничка поддршка пружија „OhridNews“ и „Мега продукција“. 

Бесплатниот магазин „Наше здравје“ ќе може да се најде во аптеките „Виа Фарм“ во Охрид, Струга, Вевчани и Лабуништа, во Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ во комплексот „Св. Ѓорѓија“ во Охрид, во јавните здравствени установи и болниците во Охрид и Струга, како и во познати хотелски и угостителски брендови, модни салони и други препознатливи места во регионот.

OhridNews