Нови 26 случаи на ХИВ и СИДА регистрирани во првите седум месеци во Македонија од кои десет лица се заболени од СИДА, 16 се ХИВ позитивни, соопшти денеска началникот на одделението за ХИВ/СИДА, Жарко Караџовски, која додаде дека во истиот овој период биле регистрирани и два смртни случаи.
 
Караџовски истакна дека пренесувањето на ХИВ во 18 случаи бил преку контакт на машко со машко лице, во шест случаи бил регистриран пренос преку хетеросексуален начин, а кај две е се уште не е познат начинот на трансмисија.
 
„Структурата по пол на лицата со ХИВ и СИДА во 2014 година е 25 машки и едно женско лице. Едно лице  е под 19 години, 12 лица се од 20 до 29 години, десет лица се од 30 до 39 години, две лица се од 40 до 49 години и едно лице е над 60 години“, истакна Караџовски.
 
СИДА-та во светски рамки според бројот на заболени помеѓу машки и женски лица изнесува 50 наспроти 50 проценти, а во Македонија е 95 отсто машки наспроти 5 проценти од женски пол, вели началникот на одделението за ХИВ/СИДА.
 
Според информациите најголем број од регистрираните заразени случаи со ХИВ и СИДА се забележани во Скопје каде има 16 вакви случаи, што пак изнесува 62 проценти од сите случаи регистрирани во 2014 година.
 
„Во Куманово регистрирани се три случаи од кои два се ХИВ позитивни и еден болен, Свети Николе два, Тетово еден, Струмица еден, Кочани два и Штип еден“, соопшти Караџовски.
 
Тој нагласи дека ова е првпат до сега да не е забележан случај на пренесување на ХИВ вирусот кај лица кои што инјектираат дрога, а во период од три години не е забележан и случај на трансмисија од мајка на плод.
 
Во периодот од 1987 до 2014 година се регистрирани вкупно 223 лица кои живеат со ХИВ и СИДА. Од нив 177 лица се од машки пол, а 46 лица се женски.
 
Во 2013 година изработени се 24.562 теста за дијагностика на ХИВ.
 
Првиот ХИВ позитивен случај во Македонија е регистриран 1987, а првиот заболен од СИДА во 1989.
 
Светот со оваа појава се соочува од 1983 година.

OhridNews

извор: „Макфакс“