Од понеделник се обновува сезонската авиолинија Белград-Охрид со Air Serbia. Како што информираат од ТАВ Македонија првиот авион се очекува да слета околу 14:35 часот, по што ќе се одржи церемонија за добредојде со воден мост, пречек на патниците и сечење лента.

Најавено е присуството на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт и директорот за комерцијални работи и стратегии на Air Serbia, Бошко Рупиќ.

Како што претходно беше најавено Охрид ќе биде воздушно поврзан со Белград четири пати во неделата, односно секој понеделник, среда, петок и сабота.

ТАВ како аеродромски оператор секогаш топло ги пречекува одлуките на авиокомпаниите за нови или обновени авиолинии и летови. Среќни сме што Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид повторно ќе ја додаде оваа авиолинија во својата мрежа и ќе го опслужува летот Белград-Охрид-Белград, на кој ќе лета Ер Србија, откако беше стопиран во 2017-та година. Оваа авио-конекција ќе значи дека туристи од Србија ќе можат да патуваат до Охрид со авион и да ја посетат околината и регионот на Охридското Езеро на побрз и поудобен начин. Понатаму, оваа линија дополнително ќе отвори нови дестинации за нашите граѓани и за луѓето во гравитациската зона на охридскиот регион бидејќи Ер Србија лета до преку 70 дестинации во Европа, Медитеранот, Северна Америка, Азија и Африка, што претставува уште една предност и погодност за нашите патници, информираа претходно од ТАВ Македонија.

Враќањето на Охрид во мрежата на летови на авиокомпанијата како што потенцираа од Ер Србија е одлично дополнување и тие се уверени дека патниците се радуваат за оваа услуга од Охрид и се воодушевени што овој фасцинантен град ќе биде попристапен.

Во текот на 2023 година, Ер Србија во својата мрежа ќе додаде преку 20 нови дестинации кои што не беа на редот на летање во 2022 година, а особено ни е задоволство што Охрид е меѓу овие дестинации. Летовите меѓу Белград и Охрид ќе сообраќаат четири пати неделно и ќе овозможат патниците од регионот и низ Европа да ги искусат охридските културни и историски места и атракции, истакнаа од Ер Србија.

Авионските билети за оваа обновена авионска линија се во продажба и може да се резервираат на веб-страницата на Ер Србија, https://www.airserbia.com/en/destinations/flights-to-ohrid, како и на мобилната апликација на Ер Србија, достапна и за Android и за iOS.

OhridNews