Нема ништо ново во преговорите што ги води белгискиот посредник Питер Ванхауте, велат извори од опозицијата запознаени со работата на работната група. Од таму додаваат дека останува само формата на одделни консултации на Ванхауте со партиските претставници.

Од другите партии вклучени во разговорите нема информации за тоа што се случува, а и самиот Ванхауте вчера преку електронска пошта соопшти дека во текот на следниот период нема да дава изјави, а доколку имало прогрес во преговорите, ќе ги известувал медиумите писмено. И тој информираше дека се фокусира на билатерални средби, со цел да се решат двете клучни прашања: изборот на преостанатите јавни обвинители во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, како и именувањето на министри и заменици министри во Владата.

Поради тие две точки пак сериозно се пречекорени роковите предвидени во Договорот од Пржино, што го доведува во прашање и одржувањето на изборите договорени за 24 април идната година.

Ванхауте вчера попладнето посочи и дека во интерес на сите граѓани на Република Македонија е да се продолжи со имплементација на прашањата опфатени во Договорот од Пржино, за да не се загрозела интеграцијата на земјата во НАТО и во ЕУ. Министерот за економија Беким Незири кој е шеф и на изборниот штаб на ДУИ во медиум нагласи дека ако Македонија влезе во политичка изолација или уште поважно економска изолација итно ќе се свикале партиските органи и оти една опциите била да излезат од Владата.

OhridNews

извор РСЕ