Сепак, повеќе од половина век од рацете на баба Билјана Попоска од населбата „Влашка Мала“, исплетени се илјадници парчиња облека. Нејзините џемпери, обувки, шалови и елеци денеска ги носат не само нејзините најблиски, туку голем дел од граѓаните во земјава и странство. „Со овој занает се занимавам уште од моето детство во Србија. Плетењето во тоа време беше неопходно, а карактеристични за тој регион беа сукњите, елеците и чорапите исплетени од волна. Ја немаше онаа мека вуница, со која денес се плете“ – вели баба Билјана.
рачно исплетен џемпер од волна
Таа смета дека не само талентот, туку и волјата е основното нешто за да се почне со изучување на овој традиционален занает. „Порано домаќинките имаа повеќе време. Некои не работеа, а слободното време го искористуваа за плетење на облека. Така ги снабдуваа своите најблиски, но и роднините и пријателите кои имаа потреба од некое парче облека. Денеска младите немаат време, а на секој чекор постојат продавници каде можат да се купат евтини чорапи, елеци, шалови и сукњи.“ – потенцира баба Билјана.
Постојат повеќе начини како да се сплете нешто. Можат да се користат повеќе игли, а интересно е плетењето со една игла. Сепак, за едно нешто да се изработи потребни се повеќе денови, односно седмици. „Чорапите ги плетам со четири игли, додека „пупината“со две. Порано правевме прекривачи за спалните, кои ги изработувавме со една игла, односно со „чингелаке“. Исто така, везевме чаршави, прекривачи, миленциња кои ги дававме како „приќе“ за младенците. Карактеристично беше и штиркањето, кое веќе одамна не се прави. Младите си купуваат готови производи, кои треба само да се исперат. За овој чаршавот тука потрошив околу 15 денови, со целодневна работа.“ – вели баба Билјана.
сплетен чаршав со „чингелаке“ игла
Во нејзиното портфолио покрај рекреативното плетење, стои и професионализмот. Нејзините креации беа дел од изложената облека во Париз, пред неколку години. „Џемперите кои ги плетевме за еден моден дизајнер од Охрид беа многу добри. Се чудевме како можеме да сплетеме толку интересни парчина облека, кои денес ги носат младите во Франција. Исто така имам работена за многу компании, а сплетени се огромен број на модерни елеци, шалови од свила, прекривачи и други работи кои можат да се изработат од „вуница.“ – рече нашата сограѓанка.
Баба Билјана моментално плете бебешки џемперчиња, шалчиња и обувки, кои ги дава на нејзините најблиски. За крај додаде дека рачната изработка на облека е во мода, а во иднина треба да очекуваме подем на овој тренд во светот.