Од 15 ноември почнува да важи задолжителната обврска за носење зимска опрема во возилата. За возачите на автомобили, теренски возила и лесни камиони е задолжително носење зимски гуми и синџири. Возачите на автобуси и на тешки камиони потребно е да носат и лопата доколку на погонските тркала не може да се постават синџири за снег.
Санкционирањето во претстојната зимска сезона ќе биде согласно постојниот правилник за зимска опрема во автомобилите, со кој се пропишува казна од 15 евра. Со новиот закон за безбедност во патниот сообраќај чија подготовка е во тек, според најавите, се предвидени казни од 45 евра за неносење зимска опрема.
Правилникот пропишува дека за моторни возила со најголема дозволена тежина која не надминува 3.500 килограми како зимска опрема се сметаат зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од 4 милиметри, како и летни пневматици со длабочина на шарите со минимум од најмалку 4 милиметри ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала се зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од 6 милиметри, како и пневматици со летен профил на сите тркала, со длабочината на шарите со минимум од најмалку 4 мм, ако во возилото во приборот има синџири за снег.
Кај моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 килограми пак се задолжителни зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите од 6 мм, пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите со минимум од 4 мм. ако во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала. Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.
Зимски се пневматиците кои на својата бочна страна имаат ознака: „МЅ“, „М+Ѕ“, „М&Ѕ“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Правилникот пропишува дека во патниот сообраќај на возилата не се поставуваат пневматици со клинци.
Обврската за задолжителната зимска опрема трае до 15 март следната година.
OhridNews