Во рамки на Самитот на „Отворен Балкан“ во Охрид, лидерите од регионот, иницијаторите премиерот Димитар Ковачевски како домаќин, неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и гостите, Дритан Абазовиќ, премиерот на Република Црна Гора и Зоран Тегелтија, претседавач на Советот на министри на Република Босна и Херцеговина, во своите обраќања истакнаа дека за земјите од регионот е многу важна соработката и заедничкото дејствување, почитувајќи ги вредностите на Европската Унија.

Поддршката од Европската Унија и Соединетите Американски Држави беше пренесена преку обраќањето на комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија Оливер Вархеји и видео пораката на Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање подвлече дека иницијативата „Отворен Балкан“ е успешна и носи опипливи резултати за граѓаните, кои се реализација на досега потпишаните спогодби. Отворен Балкан веќе ги дава првите резултати за граѓаните и за стопанствениците. Зелената лента за транспортни возила на граничните премини Ќафасан и Табановце овозможува значително побрз проток на камионите кои превезуваат земјоделски производи или храна. Внимателно следиме како се одвива протокот, дали и каде има застој. Нашите институции се во постојана комуникација со крајна цел на овие зелени ленти целосно да ги отстраниме меѓуграничните рампи и бариери, посочи Ковачевски, за погодностите од трилатералниот договор потпишан меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија подвлекувајќи дека заеднички лидерите се залагаат за намалување на контролите и бирократијата и преку зголемување на довербата меѓу институциите на трите држави.

Истакнувајќи дека бенефитите и резултатите се веќе видливи, премиерот Ковачевски посочи дека благодарение на Договорот за заедничко дејствување за време на природни и други катастрофи, соседите ѝ помогнаа на Северна Македонија со навремена интервенција во текот на пожарите минатата година.

Отворен Балкан, како ново, амбициозно и динамично регионално поврзување доби силна и едногласна поддршка од деловните заедници на сите земји од Западен Балкан. Тие се согласија дека Отворен Балкан е платформата која му е потребна на регионот. Им благодарам на стопанските комори што се нашиот ветер во грб, наш партнер и мотиватор, што многу добро знаат да пофалат кога добро работиме, но и да најдат соодветен начин на критика за да се подобруваме онаму кајшто можеби сме забавиле, порача Ковачевски од Охрид во обраќањето пред лидерите и гостите на Самитот на Отворен Балкан.

Тој подвлече дека денеска документите што ќе се потпишат придонесуваат за взаемното признавање на дипломи и научни звања издадени во високообразовните и другите овластени институции во трите земји, со што ќе се забрза постапката за создавање единствен заеднички пазар на трудот, за да останат младите тука.

Отворен Балкан заеднички ќе го промовираме како регионална атрактивна туристичка дестинација. Денес лансираме нова соработка и во областа култура. Се договоривме за креирање Заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе ја поттикне културната размена. Очекувам да го зголемиме бројот на фестивалски настани во регионот, што ќе значи повеќе содржина за нашите граѓани и поголема атрактивност на регионот, рече Ковачевски кој како придобивка за олеснување на прекугранично движење на луѓе, стоки или услуги го спомена и Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации меѓу земјите од регионот.

Српскиот претседател Вучиќ заблагодарувајќи му се на еврокомесарот Вархеји, за кој како што подвлече со своето денешно присуство ја изразува поддршката на Иницијативата Отворен Балкан подвлече дека трите земји лидери покажаа дека немаат никакви нерешени билатерални прашања освен да бидат пријатели и да соработуваат во полза на сите граѓани.

Ова е нешто незапирливо, добра идеја и со текот на годините ќе има се повеќе поддржувачи. Секогаш сакам со суштина да ги исполнам нашите односи, затоа мислам дека е важно на следниот состанок веднаш да се формираат работни групи, кои предлагам да бидат некаде во јужна Србија, пред големиот самит што го имаме и саемските настани на крајот на летото во Белград. Да се договориме да формираме работни групи кои ќе се грижат како да се надминат тешкотиите со залихите на храна и во областа на енергетиката, како да си помогнеме меѓусебно за да ја преживееме зимата, бидејќи мислам дека тоа е од најголем интерес за сите граѓани на нашите три земји и целиот регион. Во формирањето на тие работните групи и на тие договори доколку сакаат да учествуваат добредојдени се претставниците на Црна Гора, БиХ, Приштина, кој и да сака, рече Вучиќ во своето обраќање.

Вучиќ подвлече дека е потребно забрзување на сите процеси и тоа денеска со потпишување на меморандумите и договорите се докажува, во насока на обезбедување на проток на луѓето, стоките и услугите.

Премиерот Рама во своето обраќање подвлече дека војната во Украина покажа дека иницијативата Отворен Балкан е нужност и потреба земјите од регионот да соработуваат меѓу себе, во поглед на обезбедување на храна и совладување на енергетската криза. Тој се осврна на придобивките од иницијативата „Отворен Балкан“ во делот на туризмот, трговијата и енергетиката, како и во однос на поставувањето заеднички механизам за справување со пожари.

Силно верувам дека што повеќе ние се зближуваме еден со друг, толку повеќе шанси има да ги разрешиме и конфликтите, да се направи краен мир помеѓу Србија и Косово, една тема за која јас не се согласувам со претседателот Вучиќ, но овде решението е многу едноставно. Или ова несогласување да се претвори во постар конфликт со сите тие празнини кои потоа остануваат во нашата економија, во нашата безбедност или обратно од тоа треба да се направи, да се доближиме што е можно повеќе за да се разбереме помеѓу себе што повеќе и самите луѓе да бидат свесни дека иднината е многу поважна од минатото, рече Рама.

Осврнувајќи се на евроинтеграциите и очекувањата од претстојниот самит на ЕУ тој во негов стил порача дека не се подготвува за како што вели „оваа свадба“ и оти фокусот треба да биде Европа да се изгради овде во регионот.

И премиерот Абазовиќ, нагласи дека земјите од регионот се свртени кон иднината не гледајќи во минатото и нагласи дека од Црна Гора, Отворен Балкан има подадена рака. За потребите на сите граѓани од регионот е потребно да соработуваат сите лидери на регионот и заеднички да соработуваат за економски развој и остварување на европските интеграции, додаде.

Тегелтија истакна дека искрено се надева дека е последниот од Босна и Херцеговина кој на Отворен Балкан доаѓа како гостин. Тој подвлече дека е присутен на Самитот бидејќи бизнис заедницата ја поддржува иницијативата, а тие се прогресот на општеството, што носи добро и за граѓаните.

Тегелтија нагласувајќи дека е присутен на Самитот затоа што знае дека е поддржан од најголемиот број граѓани, посочи дека во оној момент кога ќе биде донесена политичка одлука, Босна и Херцеговина ќе се придружи на иницијативата.

Американскиот заменик-помошник државен секретар Ескобар, кој својата порака ја испрати во живо преку видео врска нагласи дека Соединетите Американски Држави го гледаат Западен Балкан преку призмата на 21 век, во обезбедување соработка на сите полиња, користејќи ја својата добра географска положба.

Земјите на Западен Балкан имаат огромен потенцијал и претприемачки дух за економска и регионална соработка во областа на обновливата енергија, за надминување на проблемите кои ги носат климатските промени. Иницијативата доаѓа во многу битно време и ги охрабри лидерите да го усогласат „Отворен Балкан“ со другите иницијативи на Западен Балкан. Земјите од регионот може да сметаат на помошта од САД во однос на економијата, борбата против корупцијата и криминалот и европската интеграција, порача Ескобар.

Во своето обраќањето, еврокомесарот Вархеји оцени дека идејата за Отворен Балкан е осмислена од регионот и таа идеја е поддржана од Европската Унија. Еврокомесарот оцени дека без регионална соработка, економскиот инвестициски план на ЕУ нема да постигне многу затоа што нема поента да се поврзува капиталот на Западен Балкан со патишта и со железници ако камионите треба да сопираат на секоја граница и речиси секој доаѓа на половина час.

Нема поента да зборуваме за пристапување кон ЕУ и за евроинтеграција на регионот доколку во самиот регион се уште треба да ви ја нострифицираат дипломата доколку сакате да работите во друга држава, а тоа би значело дека би требало да работите на еден час од местото на живеење. Не вреди ништо ако вашиот бизнис не може да тргува соодветно или ако не може да ги продава своите услуги во регионот затоа што според нашите проценки регионот може да создава една третина од својот БДП само преку економска интеграција. Регионот го има овој потенцијал и само регионот може да си ја испорача. Отворен Балкан треба да продолжи понатаму со потпишување договори што ги олеснуваат животите на луѓето, истакна Вархеји.

Во рамки на Самитот, ќе бидат реализирани повеќе договорени соработки, со потпишување на конкретни меморандуми и договори за соработка.

Со Договорот за соработка во полето на взаемно признавање на дипломи и научни звања издадени во високообразовните институции и други овластени институции во трите земји, ќе се забрза постапката за прифаќање на дипломите и професионалните компетенции, што е уште еден чекор повеќе кон заедничкиот пазар на трудот.

Со Меморандумот за разбирање за соработка во областа на туризмот заеднички ќе биде промовиран регионот како атрактивна туристичка дестинација. Една од целите на Меморандум за соработка во културата е креирање на Заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе го поттикне културниот туризам.

Со Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации меѓу земјите од регионот се создава нова можност за полесно прекугранично движење на луѓето, стоките или услугите.

OhridNews