Киро Глигоров е роден во Штип на 3 мај 1917 година во семејство на занаетчија и домаќинка.

Основно училиште завршил во родниот град, а во 1928 година се запишал во тогашната прогимназија во Штип. Своето средно образование го продолжил во Скопје на Машката гимназија, каде станал и член на гимназискиот кружок. Во 1936 година се запишал на Правниот факултет во Белград. Подоцна, се вклучил во илегалното македонско друштво „Вардар“ каде станал негов секретар. Во 1939 година бил уапсен под сомнение дека работел против тогашниот империјалистички режим. Но, набргу бил пуштен. Истата година, во месец јуни, Глигоров дипломирал на Правниот факултет.

По завршувањето на студиите во Белград, Глигоров кратко време работел како приправник во канцеларија во Белград. На 6 април 1941 година кога Белград бил бомбардиран од страна на Нацистичка Германија, Глигоров се вратил во Скопје. Се вработува во „Вардар Банка“ како правник, а потоа и сам отворил адвокатска канцеларија. Откако бил наклеветен, по втор пат тој бил приведен како комунист. По пуштањето од притвор, Глигоров активно се вклучил во антифашистичкиот илегален отпор, соработувајќи со Кузман Јосифовски Питу.

Во есента, 1943 година бил формиран Антифашистичкиот народноослободителен комитет, по иницијатива на КПЈ, во кој се вклучил и самиот Глигоров.

Истата година Глигоров се оженил со Нада, со која има две ќерки и еден син.

Во почетокот на мај, 1944 година, Киро Глигоров за прв пат излегол во партизани. Истовремено, како член на АНОК, заедно со уште осум членови, бил повикан да се вклучи и во подготовката за АСНОМ. Така, Глигоров станал член а подоцна и секретар на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, каде работел во подготовка за изготвување на политичкиот реферат.

На Првото заседание на АСНОМ, кое се одржало на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински, тој го водел записникот од истото заседание, но исто така бил избран и за член на АВНОЈ.

На Второто заседание на АСНОМ, кое се одржало од 28 декември до 31 декември 1944 година во Скопје, Глигоров исто така зел учество. На тоа заседание тој прво бил избран во Президиумот на АСНОМ а потоа и како повереник за финансии при Президиумот на АСНОМ.

По формирањето на Југославија, Глигоров извршувал повеќе високи функции.

Од 1945 година до 1947 година тој работел како помошен генерален секретар на Претседателството на Владата на ФНРЈ, каде генерален секретар му бил Митар Бакиќ.

Во 1947 година, од страна на Курдиќ, Глигоров бил упатен во Министерството за финансии на ФНРЈ, се со цел да работи на финансиското планирање, под надзор на министерот Сретен Жујовиќ. Така, потоа станал и помошен министер за финансии. На таа функција се задржал се до 1952 година.

Од 1952 година до 1953 година работел како помошен претседател на Стопанскиот Совет на владата на Борис Кидриќ.

Од 1953 до 1955 година бил заменик директор на Сојузниот завод за стопанско планирање, каде директор му бил Сергеј Крајгер.

Во 1956 година бил упатен на работа во Сојузната влада како секретар за стопанство-координатор.

Истовремено, од 1955 до 1963 година бил и секретар на екретаријатот на СИС за општостопански работи.

Во 1962 година бил избран за член на Централниот комитет на СКЈ.

Од 1962 до 1967 година бил сојузен секретар за финансии.

Кога на 26 јули 1963 година, главниот град на СР Македонија, Скопје, го зафатил катастрофален земјотрес, Глигоров бил задолжен од страна на СИС за обнова на Скопје

Од 1967 до 1969 година станал потпретседател на Сојузниот извршен совет.

Од 1969 до 1971 година, на Деветтиот конгрес на СКЈ, бил избран за член на Претседателството на ЦК на СКЈ како и на Извршното биро.

Од 1971 до 1972 година бил член на Претседателството на СФРЈ.

Од 1972 до 1974 година, на Десетиот конгрес на СКЈ, повторно бил избран за член на Извршното биро на Претседателството на СКЈ.

Од 1974 до 1978 година бил претседател на Собранието на СФРЈ.

Од 1978 до 1987 година бил член на Советот на Федерацијата, каде повторно бил избран за член на ЦК на СКЈ.

Во 1987 година Глигоров се пензионирал, а потоа се вклучил во тимот за реформи на претседателот на СИС, Анте Марковиќ.

Во 1989 година се враќа во Македонија.

На 27 јануари 1991 година, на седницата на со 114 гласови “ЗА“, Киро Глигоров бил избран за прв претседател на Република Македонија. На 7 март тој го доверува мандатот на експертската влада на Никола Кљусев.

Република Македонија на референдумот што се одржа на 8 септември 1991 година прогласи независност. По овој повод претседателот Глигоров ја поздрави насобраната толпа луѓе со следниве зборови: „Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“.

По усвојувањето на новиот Устав на Република Македонија на 17 ноември, претседателот Глигоров веќе на 2 декември упатил писмо до шефовите на странските држави и влади со барање да ја признаат независноста на Република Македонија.

Во текот на октомври 1994 година во Македонија за прв пат се одржаа претседателски избори. Киро Глигоров, како кандидат за претседател од СДСМ, е избран за претседател со освоени 52,4% од гласовите. Негов противкандидат бил познатиот македонски режисер Љубиша Георгиевски, како претседателски кандидат од ВМРО – ДПМНЕ.

На 8 април 1993 година Република Македонија стана 181 членка на Обединетите нации.

На 3 октомври 1995 година врз Глигоров беше извршен неуспешен обид за атентат. Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. На повредите подоцна им подлегна и случаен минувач покрај местото на настанот.

За време на закрепнување неговата должност ја вршеше тогашниот Претседател на Собранието на Република Македонија, Стојан Андов. Киро Глигоров официјално на функцијата се врати на 10 јануари 1996 година.

Мандатот го завршува во 1999 година, а за негов наследник е избран Борис Трајковски.

По пензионирањето, Киро Глигоров бил активен како публицист. Во 2001 година ги објавува мемоарите „Македонија е се што имаме“. Глигоров е основач и на фондацијата Глигоров што поддржува проекти од културата и уметноста.

Во текот на неговата политичка активност Глигоров е одликуван со повеќе ордени:

Орден на југословенското знаме со лента, Орден на Републиката со златен венец, Орден Братство и единство со златен венец, Орден на трудот со црвено знаме, Орден 65 години од победата во големата татковинска војна 1941-1945.

Заедно со Борис Трајковски, Глигоров во 2005 година стана прв носител на „Орден на Република Македонија“.

OhridNews
извор:„Макфакс“