Од септември едносменска настава ќе има само во дел од основните училишта на територијата на Општина Охрид каде што постојат услови за одржување на истата.
Едносменска настава со продолжен престој до 16 часот ќе има во ООУ „Св. Наум Охридски“ с.Пештани и во ПУ Елшани, како и во ООУ „Св. Климент Охридски“, информираат од Општина Охрид.
Настава само прва смена со продолжен престој од два часа ќе има во ООУ „Кочо Рацин“ -ПУ Д.Лакочереј и во ООУ „Ванчо Николески“-ПУ Косел.

Во однос на средните училишта охридската Гимназија ќе има настава само во прва смена како што и беше неодамна најавено, додека Електромашинскиот училишен центар и Економското училиште ќе одржуваат настава во две смени.
Општина Охрид во иднина, ќе работи на создавање услови за едносменско работење, зависно од можностите и во останатите училишта, потенцираат.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска неодамна изјави дека од 1 септември на ниво на држава 124 основни и средни училишта можат да почнат со настава во една смена. Појасни дека овозможувањето едносменска настава е приоритет на Министерството и додаде дека во следните неколку години ќе се вршат прилагодувања на сите училишта.
Со тоа ќе се промени и самиот начин на учење и ангажирањето на наставниците, а за учениците ќе значи подолг престој во училиште исполнет со различни дополнителни наставни и воннаставни активности, кои во светот се покажале корисни во образовниот процес, посочи Јаневска.
Н.С.Ј.














