
-Филмската академија на која што ќе се изучуваат студиските програми адаптирани согласно стандардите, принципите и традицијата на ФАМУ ќе биде отворена во стратешки одбраниот Охрид, поради неговото природно и културно наследство, како и инспиративното опкружување и бројните манифестации за што универзитетот „Гоце Делчев“ веќе го обезбеди потребниот простор и опрема за теоретската и практичната настава, а обезбеден е и соодветен наставен кадар од ФАМУ од Прага, изјави министерот за образование и наука Спиро Ристовски, по средбата со деканот на ФАМУ Павел Јех.
Министерот напомена дека најпрво ќе бидат достапни постдипломски студии по филмско сценарио, драматургија и продукција кои ќе се одвиваат на англиски јазик, а потоа понудата ќе се надградува и со други програми од втор циклус како режија, филмска фотографија и монтажа, но, како што речен ќе се работи и на отворање на додипломски студии.
– Селекцијата на кандидатите ќе ја вршат професори од ФАМУ со цел да се избегнат локални влијанија и да се изберат најталентираните студенти, потенцираше министерот Ристовски.
Деканот на ФАМУ Павел Јех истакна дека е задоволен од остварената соработка и истакна оти на ваков начин ќе се направат напори овде да се воспоставуви најдобра можна филмска програма и да се пренесе искуство и пракса од ФАМУ.
Во Прага постипломските студии на ФАМУ чинат 18.000 евра, а цената во Македонија ќе биде помала и наскоро ќе биде утврдена исто како и условите за конкурсот.
Во следниот период ќе следат промотивни активности поврзани со овие студиски програми во Македонија, кои започнуваат денеска во 18 часот во МКЦ. Сите заинтересирани кои имаат афинитети кон вакви студии ќе можат детално да се информираат за можностите за упис на овие студии.
OhridNews












