Поминаа денови, а надлежните институции се уште официјално не соопштуваат од што угина лебедот кој беше пронајден на езерскиот брег помеѓу Славија и хотелот „Силекс“. Неофицијално, врз основа на објавените фотографии од здружението за заштита на животни „Анималија“, беше толкувано дека тој настрадал на копно од диво животно. Но на фејсбук страната на OhridNews читател постави фотографија направена непосредно по угинувањето на лебедот, на која не можат да се забележат траги од напад на животно.
Фотографија направена непосредно по угинувањето на лебедот
Фотографија направена неколку дена подоцна
Овие фотографии непобитно говорат дека животни го растргнале лебедот по угинувањето, бидејќи никој не ја подигнал мртвата птица од плажата. Исто така го отвораат прашањето дали претставници на некоја надлежна институција го посетиле местото на настанот и дали се подигнати примероци за испитување на причините за угинувањето на лебедот, што е предвидено со закон? OhridNews деновиве се обиде да добие информации од повеќе надлежни институции и инспекторати, кои само ја префрлаа одговорноста едни на други прогласувајќи се за ненадлежни. Во отсуство на официјални информации на социјалните мрежи се шират разни теории, но и невистини дека лебедот угинал по малтретирање од турист, вест која беше пренесена и од голем број медиуми во светот.
Како што објави OhridNews, овој случај не е поврзан со малтретирањето на лебедот со скршено крило кој охриѓани го викаат Џорџ, во центарот на Охрид. Тој е добро и може да се забележи како плива заедно со другите лебеди кај градското пристаниште. Но останува отворено уште едно прашање: дали некој води грижа за живиот свет на Охридското Езеро, вклучително и за црвеноклунестиот лебед кој е украс на Охрид и заштитен вид птица?
Лебедот Џорџ
Дека состојбата е загрижувачка говори податокот дека ниту еден лебед регистриран во рамки на проектот за прстенување на овој заштитен вид птица што пред шест години заедничко го реализираа Хидробиолошкиот завод и одделението за заштита на животната средина при општина Охрид, не се гнезди повеќе на Охридското Езеро. Влијанието на човекот врз животната средина, нелегално поставениот риболовен алат, бучавата и уништувањето на природната средина каде се гнезди лебедот се дел од причините поради кои оваа птица се повеќе мигрира од Охридското Езеро.
OhridNews