Новоформираното Здружение на рекреативни риболовци „Охридски Рибари“ заедно со концесионeрот на рекреативната риболовна зона „Охридско Езеро“ Питон од среда, 28.01.2026 год., ќе почне со издавање дозволи за рекреативен риболов на езерото за 2026 година.

Како што се посочува во соопштението секој што сака рекреативно да лови риба од Охридското Езеро нема да мора да плаќа дополнителни трошоци како членарина за Здружението, туку само да си обезбедни дозвола согласно однапред презентираниот ценовник.

На рекреативците ќе им се на располагање два вида дозволи, за риболов од брег и комбинирана и од брег и од пловен објект, а цената варира зависно времетраењето на дозволата.

За риболов од брег таа се движи од дневна што чини 354 денари, преку тридневна – 708, месечна 2065 и годишна што чини 4130 денари со вклучен ДДВ. Комбинираните дозволи чинат 708 за еден ден, 1298 за три дена, 2655 месечна и 5130 за една година.

Рекреативната зона „Охридско Езеро“ го опфаќа македонскиот дел од Охридско Езеро односно потегот од Свети Наум до селото Радожда, како и целиот слив на Охридско Езеро и тоа каналот Студенчишта, Коселска Река, Велгошка Река, реката Черава и нејзините притоки, како и Сатеска со сите нејзини притоки. Рекреативниот риболов не е дозволен на водната површина на езерото определени како риболовни зони, како што се изворите кај „Свети Наум“, како и заштитените зони во езерото на кои е забранет риболов со Закон.

OhridNews