Градежните работи за реконструкцијата на плоштадот Крушевска Република почнуваат утре, додека повторно тендер за избор на изведувач за изградба на катната гаража ќе биде распишан на крај на месецов или почеток на следниот беше посочено на денешната одржана трета седница на Советот на Општина Охрид.

Што е забележливо кај овие проекти? Гледам дека не може да се реализираат и не се реализираа оваа година и сега се предвидуваат само по 20% од средствата, колку да не пропаднат. Или не е така, ќе ни објасните. Или е некој аванс, како што минатиот пат ни објаснавте дека заради поголема конкурентност даваме аванс од 20%. Ако е така, да видиме едно објаснувањето зошто само 20% имаме од предвидените средства и зошто поголем дел од овие проекти не се реализирани. Ќе го спомнам проектот за катната гаража каде е распишан тендерот, целата постапка за тендер е завршена на 9 октомври и не е донесена одлука за најповолна понуда. Одлуката не е донесена. Месец дена е преголем период да не се донесе одлука и зошто не е донесена истата?, праша советникот Костоски.
Тони Иваноски, раководител на Секторот за комунални дејности појасни дека за проектите кои се реализираат со средствата од унгарскиот кредит, Владата распиша оглас, кој траел до 12 септември, а одлуката по однос на проектите кои што ги доставиле општините завршила на крајот од септември.
Значи, завршувањето на огласот, преземањето на активности за распишување на тендери, реализација на проектите, тоа е период од 90 дена. Свесни сме дека за 90 дена не можеме ние да ги распишеме тендерите, не можеме да добиеме изведувачи, а не пак да ги реализираме проектите на терен. Овие средства од 20% се договорна обврска со Владата. Владата предвиде дека од 100% средствата предвидени за проекти ќе се реализират на начин што во 2025 година ќе се исплатат 20% по основ на аванс кон избраните понудувачи, останатите средства 60% ќе се реализират во 2026 година и 20% во 2027 година, истакна Иваноски.
Посочи дека 20% средствата кои ќе се реализираат во 2027 година се однесуваат за доплата на завршување за изградба на катната гаража и на проектот за мониторинг и управување СКАДА (SCADA) систем за водоснабдителен систем на град Охрид и изработка на ГИС систем со интеграција на двата системи.
Почитувајќи го тој динамичен план на Владата, пристапивме, ги распишавме сите тендери, некои завршија успешно, некои не завршија успешно, морам да кажам, меѓу тие коишто не завршија успешно е и тендерот за катната гаража. Имавме поизострени критериуми во однос на тендерската постапка со оглед дека се работи за значајен проект на градот и значајна локација и од тие причини добивме многу малку понудувачи, два, и за жал, ниту едниот, ниту другиот не ги исполнуваа условите. Имаме вкупно 15 или 16 проекти од вториот повик, се предвидени во ставките со 20% и можам да кажам дека иако исплатата е во износ од 20% или аванс, веќе ние два проекти имаме во тек на реализација. Зборувам за проекти за кои Владата ни додели средства во септември. Тој е проектот патот за Горно Лакочереј – Лескоец и паркот Ден Долард, додаде Иваноски.

И секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, појасни дека за проектот за изградба на катната гаража имало еднаш објавено тендерска постапка на која биле пријавени двајца изведувачи кои не ги исполнувале условите и истата, рече дека треба денес или утре да биде поништена.
До крајот на овој месец или почеток на декември ќе биде објавена уште еднаш. Очекуваме до крај на јануари да заврши повторената постапка за избор на изведувач. Што се однесува на проектот за плоштадот Крушевска Република градежните работи треба да отпочнат утре, додека за паркот Ден Долард веќе се отпочнати градежни активности, додаде Китески.
Н.С.Ј.















