Со оглед на подобрените временски услови и затоплувањето, од утре се очекува наставата во најголемиот број училишта во земјава да продолжи редовно, изјави министерот за образование и наука Панче Кралев.

– Остануваат проблем дел општини во западна Македонија каде се уште постојат поголеми снежни наноси. Тука пред се станува збор за т.н. подрачни училишта кои се надвор од урбаните средини. Таму, зависно од текот на подобрувањето на условите, постепено ќе се нормализира наставата, рече Кралев.

Според него, проблемот со загубените часови ќе се реши со комбинација од одработување во саботите или евентуално продолжување на учебната година за неколку дена.

Во општина Охрид и утре во сите основни и средни училишта ќе се изведува настава со скратени часови. Со каква динамика понатаму ќе се одвива наставата, дополнително ќе се утврдува.

Во Струга и струшко, најавуваат дека по десетдневниот прекин, наставата од почетокот на идната недела ќе се нормализира. Во над 90% од основните и средни училишта, во оваа општина, од понеделник  ќе се изведува редовна настава, со исклучок на неколку планински села во кои снежните наноси сеуште се обилни, па поради тоа учениците од овие села не се во можност да следат настава.

Одлука за понатамошниот тек на наставата во училиштата во општина Дебрца ќе биде донесена утре, зависно од временските услови.

OhridNews