Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација најавија дека ќе го актуелизираат штрајкот кој ќе се одржи од утре до петок 25-ти април 2016 година.

Во среда и четврток штрајкот ќе се одржува во работно време, а во периодот од 10 до 11 часот судските службеници своето незадоволство ќе го искажат пред судовите. Во петок ќе биде организиран протест кој ќе започне во 12 часот пред Собранието на Република Македонија, Министерството за правда и Министерството за информатичко општество и администрација, а ќе заврши пред Владата.

-Штрајкот ќе се одржува внатре во судовите, во холот или во некоја заедничка просторија во судовите. Согласно законите, ќе се обезбедуваат минимум непречено извршување на функциите на судот и на институциите, односно оние постапки што се со времена мерка, притвор, постапки со странски елемент, обезбедување докази и тестамент ќе се одржуваат, шалтер салите ќе работат за прием на нови тужби и поднесоци, а сите останати функции ќе бидат ставени во мирување, истакна на прес-конференција Трпе Дејановски, секретар на УПОЗ и претседател на Штрајкувачкот одбор.

Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација бараат измени на Законот за судска служба и зголемување на платите на судските службеници.

На 3-ти декември беше организиран предупредувачки штрајк по што почнаа преговорите меѓу синдикатот и Министерството за правда.

OhridNews