Охрид од вечерва се до 20 август ќе живее со уметноста, преку содржините на програмата на 63. издание на најголемата и најпознатата културно-сценска манифестација во земјата – Фестивалот „Охридско лето“.

Програмата нуди неповторливи настапи на светски познати имиња и ансамбли од музичката, драмската уметност, програма за сите вкусови и генерации, сето вклопено во неповторлив природен и духовен амбиент каков што е Охрид. Вљубениците во уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 34 концерти и седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. На фестивалот ќе настапат повеќе од илјада уметници од над дваесет земји од светот – Србија, Чешка, Италија, Словенија, Полска, Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет, Русија и Северна Македонија.


Оваа година музичката програма носи околу 70 проценти од фестивалските збиднувања, претостанатото е во делот на сценската уметност – драмската програма со татарските престави.
Тука се и настапите на виолинистот Немања Радуловиќ и оркестарот „Double Sense“, „Френк Дупре“ џез триото, како и пијано рецитал на Френк Дупре, виолинистката Ирина Муресану со оркестарот „Фејмс“, камерниот оркестар „Кончертанте“ од Ниш, кларинетистот Пабло Бараган заедно со пијанистот Елоис Бела Кон, камерниот ансамбл „La Spagna“, дувачкиот камерен ансамбл „Камерата академика“ од Словенија, виолинистот Роман Симович, светски познатиот пијанист Алексеј Ботвинов, концерт на Јозеф Тавардос на уд…

Три дена подоцна, на 29 јули ќе биде одиграна „Ана Каренина“, во продукција нa Ујвудеки Зинхаж од Нови Сад, во режија на нашиот режисер Дејан Пројковски. На фестивалската прогама е и премиерата на претставата „Едвард Втори“, на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, по текст на Кристофер Марлове, режирана од европскиот авторитет, украинскиот режисер Андриј Жолдак. Настап ќе има и Охридскиот народен театар со „Серјожа е туп“ од Димитри Данилов, а во режија на Дајана Николовска. Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ќе му даде сценски приказ на едно од најголемите книжевни дела „Декамерон“ од Џовани Бокачо, во драматизација на Лидија Митоска- Ѓорѓиевска, а во режија на Мартин Кочовски. МГЛ-ГРадфскиот театар од Љубљана гостува со претставата „Нора“ од Ибзен, во режија на Нела Витошевиќ…За затворање на фестивалот во Охрид доаѓа најголемата регионална ѕвезда, актерот Милош Биковиќ во претставата „Лагата од Флоријан Зелер“, во режија на Никола Љуца, а во продукција на Белградскиот драмски театар. Биковиќ ќе настапи саедно со извонредните Тамара Крцуновиќ, Миoдраг Радониќ и Јелисавета Теодосиќ…

И ова фестивалско издание ќе биде издвоен простор за домашните уметници. Тука е музичко-сценскиот проект на МОБ со „Госпоѓиците од Авињон“, комбинирана балетска престава на музика напишана од Калопи. Тука е и вечерта разервирана за концертот што секоја година го организира Музичката младина на Македонија како веќе етаблирана фестивалска содржина. Тука се и пијано-рециталот на Кека Мимоза, Дино Имери, концертот на дуо-пијано Гелебешеви, настапот на трио „Аура“, празничен концерт со духовна музика на хорот „Про-Арс“…Една од музичките вечери ќе биде посветена на охридскиот флаутист кој прерано замина од овој свет – Илија Зимбо.
Фестивалот „Охридско лето“ е дел од семејството на Европската асоцијација на фестивали уште од 1994 година, кога и официјално зачекори кон остварување на мисијата – културна Европа со заеднички врвни културни вредности.

Фестивалот „Охридско лето“ се одржува со под покровителство на Претседателот на Републиката, со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, а помогнат од Општина Охрид, како и од бројни спонзори.
OhridNews













