Зимското сметање на времето ќе почне в недела на 28. октомври во 2 часот по полноќ,  стрелките на часовникот треба да се поместат еден час наназад.

Зимското време ќе трае се до 31 март 2019 година, кога повторно ќе се премине на летно сметање на времето. Овие датуми на поместување се „унифицирани“ од 2002 година, кога европските држави се договорија летното време да стартува од последната недела на март, а зимското од последната недела во октомври.

Примената на „летно време“ низ светот и во Европа трае повеќе од половина век, а во Македонија истото започна од 1983 година, во рамките на тогашна Југославија. Во меѓувреме, голем број држави се откажаа или сериозно размислуваат да се откажат од административни промени на времето. Причината е тоа што бројни научни студии покажаа дека овие промени од по еден час, неповолно влијаат на човечкиот биоритам и на здравјето. Европската Унија донесе одлука следниот октомври (2019 година) да биде последната административна промена на времето, а државите да се изјаснат кое време ќе го користат: зимското (нормално, природно) или летното (указно, административно). Сосема сигурно е дека паралелно со ЕУ и Република Македонија ќе престане со праксата на промена на времето, но прашање е кое време (зимско или летно) е најприкладно за овој простор?