Охридњуз објавува серијал текстови во кои ќе ги претстави успешните охридски приказни во годината што измина, кои се позитивен пример и мотив за заедницата. 

Во 2000 година започнува приказната на охридската компанија за производство на амбалажа за пакување на земјоделски производи и заштитни мрежи „АСП ПАК“, како старт ап фирма поддржана од Светска банка, тогаш ориентирана главно кон домашниот пазар и соседните земји, броејќи дваесетина вработени. Дваесет и две години подоцна визијата на основачот Петар Спасески целосно е исполнета и создадена е нова визија за следните 20 години. Од локална компанија низ годините се преобразува во глобална компанија, зголемувајќи го обемот на работа за 1500 отсто. Денес „АСП ПАК“ е препознатлив бренд во својата дејност и синоним за квалитет во целиот свет. Успешна семејна компанија во која работат три генерации и двесте и шеесет задоволни вработени.

АСП ПАК е еден од главните добавувачи на пазарите на Западот, вклучително и американскиот. Ги снабдува сите држави во Европа од скандинавските земји до Италија, од Португалија се до Азербејџан, а за наредната година се планира проширување и на пазарот во Велика Британија, Австралија, Аргентина и Чиле. Покрај европските држави, АСП ПАК ги снабдува и пазарите во Јужна Африка и Израел.

Компанијата последните пет години технолошки и организационо се модернизира, има современ пристап на пазарите каде е се поприсутна и развива нови производи. Последен е мрежата за садење на лалиња наменета за пазарот во Холандија, проширувајќи се и во тој секторот. Во фокусот на компанијата е и процесот на технолошка модернизација, при што машинскиот парк добива “state-of-the-art” технологија, што придонесува до зголемување на самиот капацитет.

Конците на „АСП ПАК“ ја обиколуваат и чуваат планетата

Во моментов 7% од целиот компир во Европа, и произведениот и увезениот, се пакува токму во вреќите на „АСП ПАК“. Компанијата во 2022 година има произведено конец во должина што може 2,5 пати да ја обиколи Земјината топка околу екваторот. Годишно околу 3 милијарди килограми земјоделски производи ширум светот се пакуваат во амбалажа направена во фабриката на „АСП ПАК“ во Охрид, „АСП ПАК“ е компанија со нула отпад бидејќи целиот отпад од примарното производство се рециклира и се употребува за други цели, а и сите нивни производи се рециклирачки.

Упорност и визија

Терминот „ПАК“ во името на компанијата има двојно значење. Од една страна асоцира на пакување, од друга страна дека секогаш има пак, и тогаш кога нема да се успее од првпат. Тогаш се бара решение како де се успее пак. Со овој менталитет направени се производите на „АСП ПАК“ што се препознатливи во цел свет. Компанијата секогаш се стреми кон подобрување на производите, техничките карактеристики, изгледот, начинот на изработка, компетитивноста.

Најмладата генерација во семејната компанија е образована на универзитети во Европа и веќе има сериозен придонес во развојот на компанијата. На нивни погон „АСП ПАК“ во 2016 почнува со дисперзија на бизнисот во производство на струја од обновливи извори, од соларни централи кои ја користат сончевата светлина, преку искористување на водните ресурси во хидро централи, се до изградбата на биогасната централа во Овче Поле која беше пуштена во употреба на 12 декември годинава. Со ова „АСП ПАК“ стана независна во однос на еден од главните инпути во производството, а тоа е електричната енергија. Успехот е дотолку поголем ако се има предвид дека тоа се случува во време на енергетска криза, што ја оправдува визијата за дисперзија на развојот на ова поле.

Последниве три години, во кои покрај енергетска имаме и корона криза, компанијата добро ги минува, со зголемување на бројот на вработени, зголемување на обемот на работа и без проблеми во синџирот на снабдување.

Нови инвестиции и капацитети

Паралелно со вложувањата во енергетскиот сектор, формирана е „Пе-Логистик“, фирма специјализирана во логистика и дистрибуција на производи за секојдневна потрошувачка и угостителството. За три години компанијата нарасна на 24 вработени и неколкукратно ја зголеми палетата на производи. Во село Лескоец, во рурална средина, се гради најсовремен логистички центар за потребите на фирмата каде ќе има нов сектор за преработка на производи од „АСП ПAK“ наменети за малопродажба и широка потрошувачка. Целта е и тој сектор да почне локално и да се развива глобално.

Лојалност, посветеност и општествена одговорност

„АСП ПАК“ како оштествено одговорна компанија дава голема поддршка на спортот, здравството, културата, но и на образованието преку соработката со ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“. Дел од учениците од ова училиште се практиканти во компанијата и се потенцијални идни вработени кои можат да ја развиваат својата кариера во компанијата, што е значајно не само за фирмата туку и за Охрид.

Денес АСП ПАК брои 260 вработени, меѓу нив и дваесетина инвалидни лица. Успехот на компанијата доаѓа од секој сектор бидејќи секој вработен работи домаќински, преовладува тимскиот дух и одлична соработка.

Од самите почетоци секоја година АСП ПАК е на листата на 200 најуспешни компании во Македонија, а минатата година ја оценуваат како најуспешна во постоењето. На тоа укажува и фактот дека „АСП ПАК“ се најде во топ 100 најуспешни компании во земјата. Визијата за иднината е да продолжат со исто темпо и ист интензитет, да се зголемува производството и да се прошируваат на нови пазари, како и да продолжи дисперзијата во овие сфери. Во план е и изградба на нов објект на фабриката кој ќе ги исполнува сите услови за ефикасна и поуспешна работа, пак, како симболичното двозначно мото на „АСП ПАК“, успешна бизнис приказна во изборот на Охридњуз за 2022 година, која е поместена во Годишната ревија на настани за 2022 година.

Г.М./Н.С.Ј.