Пуштени во употреба 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, од Врбјани до Ботун. Во тек е изградба на пристапните патишта за околните села, а кај Климештани пуштена во употреба е нова коловозна лента. Автопатот целосно треба да биде завршен до крај на 2026, беше истакнато на свеченоста што се одржа денеска кај селото Издеглавје на која присуствуваа владини претставници, пратеници и претставници на локалните самоуправи Охрид и Дебрца.
Денес е голем ден за Охрид, за целиот југозападен регион, но и за цела Македонија, истакна на свеченоста градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.
Со овој автопат, патувањето до Охрид станува значително пократко, побезбедно и поудобно. Тоа значи повеќе туристи, повеќе гости од земјата и странство, кои ќе можат полесно да уживаат во сето она што Охрид го нуди. Тоа значи повеќе полни хотели, ресторани, продавници. Тоа значи повеќе работни места и подобар живот за секој охриѓанец кој живее од туризмот. Овој автопат ќе го позиционира Охрид како уште подостапна и попривлечна дестинација, што е клучно за нашата економска иднина, рече Пецаков.
Ова не е само пуштање во употреба на автопатска делница, туку ова е момент на враќање на вербата, доказ дека кога ќе ја преземеме одговорноста со чиста совест и искрена намера, тогаш промените се случуваат, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Само една година откако ја презедовме одговорноста да ја водиме државата, успеавме да го откочиме еден од најголемите и најзаглавени инфраструктурни проекти во Македонија. Проектот кој со години стоеше како симбол на застој, како срамна слика за држава што тапка во место, денес е симбол на новото време. Ги градиме темели на промените, не само со бетон и асфалт, туку со работа, со чесност, со почит кон секој граѓанин што плаќа даноци и со право очекува да добие инфраструктура, услуги, развој, рече Мицкоски.
Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, огромно е значењето на овој автопат како дел од коридор 8 кој ќе ја раздвижи економијата, туризмот и севкупното живеење во овој дел од Македонија.
Според директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски ставањето во функција на дел од автопатот Охрид-Кичево значително ќе го олесни пристапот до главните туристички центри Охрид и Струга.
Денеска, кажано фигуративно, почнуваме да го гледаме светлото на крајот на тунелот и да го гледаме изгрејсонцето на брегот на нашиот Охридски бисер. До него веќе ќе стигнуваме и преку првите километри автопат, а ќе направиме сѐ што е во наша моќ најбрзо што може да го имаме на располагање целиот автопат иако сѐ уште пред нас има големи предизвици. Од Требеништа до Охрид ќе се вози по левата страна под времен режим на сообраќај додека на десната страна се работи интензивно со цел да се стави и тој дел во функција. Изградбата на автопатската делница е најважниот потег за развојот на стопанството и туризмот во регионот и земјава и тоа е мотив плус да продолжиме со засилени градежни активности за реализација на овој капитален проект, рече Трајановски.
Во моментов и на останатите подделници градежните работи се одвиваат со силен интензитет, согласно со новиот динамички план за изградба на автопатот. Забрзано се градат и пристапните патишта од Врбјани до Сливово, Сливово-Арбиново, Арбиново-Издеглавје, Издеглавје-Песочани, Песочани-Ново Село, Ново Село-Ботун, како и на пристапен пат до село Горенци, село Оровник и Мешеишта. Изградбата на овие пристапни патишта е многу важна затоа што од нивната изградба зависи и пуштањето на делот од автопатот од Климештани до Охрид, дополни Трајановски.
Се очекува автопатот Охрид-Кичево целосно да биде завршен до крајот на 2026 година.
Г.М.
Фото: А. Момироска