Министерството за надворешни работи попладнево објави соопштение во кое се наведува дека во знак на солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, донесена е одлука од земјава да биде протеран еден дипломат на Руската Федерација, јавува „Макфакс“.

Во соопштението на македонското МНР се наведува дека одлуката е донесена во тесна консултација со партнерите од ЕУ и НАТО, а се однесува на случајот со труењето на поранешниот двоен руски агент, Сергеј Скрипал и неговата ќерка.

„Нелегалното користење на воено хемиско оружје е во спротивност со Меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“, стои во соопштението на министерството.

Досега, САД, Канада и најмалку 14 земји на ЕУ, вклучувајќи ги Германија и Франција, донесоа одлука за протерување на руски дипломати во врска со случајот на труење на поранешниот разузнавач, Сергеј Скрипал.

Руската амбасада во Македонија со објава на социјалната мрежа „Твитер“ реагираше на одлуката на македонското МНР.

„Македонската влада протера руски дипломат од Скопје. Исклучително непријателски, неоправдан чекор што нема преседан во руско-македонските односи. Одговорноста за последиците од овој потег во целост ќе ги сноси македонската страна“, се наведува во објавата што руската амбасада ја постави на својот официјален твитер налог.

OhridNews
извор: „Макфракс“