Струга денес беше домаќин на 18-та манифестација „Денот на езерото“, што ги обединува трите крајезерски градови: Охрид, Струга и Поградец. Пред присутните се обратија градоначалниците на Струга и Поградец, Рамиз Мерко и Едуарт Капри, а во името на Охрид, се обрати секретарот на Општина Охрид, Игор Бежоски.

– Кога станува збор за Охридското Езеро, неговата неповторлива и единствена реткост, кое е на листата на светски наследства на УНЕСКО, унапредувањето на неговата заштита е врвен приоритет за сите нас, почнувајќи од институциите, граѓанските здруженија, еколошките организации, граѓаните, секоја индивидуа посебно и сите заедно како една целина. Aктивната соработка помеѓу Охрид и Струга од македонската страна и Поградец од албанската страна, започната пред неколку години, како основната цел ја дефинира потребата за вложување на заеднички напори во поставување на база за соработка, која ќе биде појдовна точка за напредокот во регионот на Охридското езеро. Тоа само по себе е доволен мотив, грижата за Охридското Езеро, како огромна природна вредност, да добие соодветна валоризација во заедничките напори и взаемната соработка за заштита и прогрес на езерскиот регион како географска целина, која има слични економски, социолошки и еколошки карактеристики, рече во своето обраќање Бежоски.

Манифестацијата беше збогатена со изложба на фотографии со мотиви од езерото и културно-уметничка програма во која настапија КУД „Шпреса“ од Велешта, КУД „Мислешево“, КУД „Валц“ од Струга, а свој музички перфоманс имаа Нита Речи и Селами Положани.