Со отворниот едриличарски ден, во организација на Едриличарската федерација во склоп на проектот „Запознај го едрењето, заштити го езерото” финансиран од делегацијата на ЕУ во РСМ во рамките на кои беа овозможени бесплатни тури со едрилици по Охридското Езеро, денеска, беше одбележан Денот на Охридското Езеро, 21-ви јуни.
По водите на Охридското Езеро со едрилица од пристаништето до плажата „Кај Дивоно“ запловија и градоначалниците на Општините Охрид, Поградец и Дебрца во рамките на традиционалното одбележување на овој ден, а во насока на промоција на заштитата на езерото.
Неповторливата и единствена природна реткост на Охридското Езеро кое е на листата на светски наследства на УНЕСКО е врвен приоритет за сите нас, почнувајќи од институциите, граѓанските здруженија, еколошките организации, граѓаните, секоја индивидуа посебно и сите заедно како една целина. Неуморно да работиме на унапредувањето на неговата заштита и со силна верба дека ќе направиме се за неговата заштита и промоција како наше заедничко уникатно природно богатство, рече градоначалникот Кирил Пецаков.
Активната соработка помеѓу Охрид, Струга и Дебрца од една страна и Поградец од друга страна започната пред неколку години, како основна цел ја дефинира потребата за вложување на заеднички напори во поставување на база за соработка која ќе биде појдовна точка за напредокот на регионот во Охридското Езеро. Годинава со помош на Едриличарската федерација и ЕУ сакаме да покажеме дека силно сме посветени на еколошкиот аспект во ползувањето на благодетите на езерото. А охридските едрилиците се патоказ како во иднина треба да изгледа нашиот бисер. Треба да направиме се грижата за Охридското Езеро како огромна природна вредност да добие соодветна валоризација во заедничките напори и взаемна соработка за заштита и прогрес на езерскиот регион како географска целина која има слични економски, социолошки и еколошки карактеристики. Сите природни и културни богатства со кои изобилува овој регион претставуваат вредности кои треба да добијат соодветна форма која ќе биде ставена во функција на развој на регионот. Токму затоа секој наш иден чекор треба да биде осмислен и во функција на заедничката цел, да го направиме регионот подобро место за живеење на нашите граѓани, рече Пецаков.
Додаде дека заедничките проекти ќе мора да бидат насочени кон единствен настап кон потенцијалните инвеститори кои пројавуваат интерес за инвестирање во регионот, а регионалниот економски просперитет значи претходно поставување на заедничките стратешки насоки за развој кои ќе бидат основи на градење на идните економски политики во регионот.
Градоначалникот на Општина Поградец Илир Џаколи истакна дека на овој ден на симболичен начин општините Поградец, Охрид и Струга го одбележуваат Денот на езерото, чие одржување е многу важно за сите.
Ние мора да го менаџираме езерото земајќи го во предвид и туризмот, економијата и културните вредности. Сакам да упатам апел и до градоначалниците на општините дека треба да наоѓаме начини за надминување на бирократијата и за слободно движење на граѓаните од двете страни на границата, бидејќи мислам дека ова ќе помогне многу за развој на туризмот на двете страни. Ќе продолжиме да ја продлабочуваме соработката бидејќи ова езеро не спојува сите заедно, додаде Џаколи.
Градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески потенцираше дека ова е уште еден момент за реафирмација на ставовите и заложби кои ги имаат изградено за обезбедување на максимална заштита на светското, природно и културно наследство во регионот на Охридското Езеро.
Тоа е заложба на сите кои сме вклучени во овој процес почнувајќи од општините од македонската страна, имаме одлична соработка не само во процесот на исполнување на сите препораки од УНЕСКО, исполнувањето на националните и меѓународни обврски во поглед на заштита на светското, природно и културно наследство и секако соработката која се одвива на планот на репрогласување на Охридското Езеро како споменик на природата. Таа соработка на неодамнешната средба во Тушемиште веќе ја префрламе и на билатерално ниво, значи целосна една заштита на регионот на Охридско Езеро е можна само со вклучување на сите засегнати чинители. Крајно од сите тие активности треба да се постигне една симбиоза меѓу човекот и природата, затоа што од една страна треба да обезбедиме целосна заштита на овој ресурс, но треба да имаме во предвид дека и Охридското Езеро е значаен економски ресурс кој што значително придонесува за економскиот развој на самиот регион.
Целта на денешната активност беше и граѓаните да се запознаат со едрилиците како еколошки пловни објекти кои не загадуваат.
Во вечерните часови програмата продолжува во црквата Св. Софија каде со почеток во 19.00 часот ќе се одржи солистички концерт на познатиот пијанист Алекандар Јаковлев.
Носители на настанот се Општина Охрид, Општина Поградец, Општина Струга, невладини организации од трите градови, во соработка со Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделувања награди и признанија.
Н.С.Ј.
















