Бројот на пензионери во општина Охрид е речиси еднаков со оној на вработени лица во општината, па оттаму е и потребата за функционирањето на здружението кое нив ги поддржува, поврзува, ангажира, и им помага, рече на денешното одбележување на Денот на пензионерите претседателот на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца, Ѓорги Трпчески.
Како што потенцира Трпчески, активностите на здружението се бројни, од организирање на културно- уметнички манифестации, учествување на спортски натпревари, посета на познати локалитети во земјата и околината, до помагање на болните или социјално загрозените членови.
– Здружението им овозможува на членовите да ги набават храна, дрва за греење по поволни цени. Она што е и најважно- им овозможува да се дружат меѓу себе. Многу често организираме и посета на наши пензионери, изнемоштени и болни лица, на кои им помагаме преку разговор и со соодветни подароци, додава Трпчески.
На организираната свеченост, присутните пензионери и гости ги поздрави и претседателката на советот на општина Охрид, Гордана Коњановска која потенцира дека локалната самоуправа ќе продолжи да соработува и да ги поддржува активностите на здружението.
– Вие го живеете периодот кога сте полни со искуство и ја имате потребната смиреност која им недостасува на останатите кои се во зрели години и сеуште се активни на работните места или брзаат низ своите младешки години. Со искуството кое го имате зад себе, имате можност да имате појасна слика за настаните кои се случуваат околу вас и оттаму вашите совети се од огромно значење за оние кои сеуште се активни, рече Коњановска.
Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца е едно од најактивните здруженија во земјава. Почетоците на неговото функционирање датираат уште од пеесеттите години од минатиот век. Со текот на времето здружението постепено ја зголемувало својата бројност и активност и сега брои неколку илјади членови.
Т.К.