Со пригодна свеченост, денес, во просториите на Секторот за внатрешни работи- Охрид  беше одбележан Денот на македонската полиција .

Како што истакна началникот  Зоран Серафилоски, СВР Охрид е современа полициска служба, која расплага со едуцирани професионалци,  и во борбата против сите видови криминалитет и откривање на сторителите на казнени  дела применува ефикасни, правни и демократски процедури и стандарди.


– СВР- Охрид своите обврски на целото подрачје кое го покрива,  ги извршува крајно ефикасно, професионално, посветено и пожртвувано. Законитоста и професионализмот во работењето, етичноста и транспарентноста се основен белег на нашето работење. Работата на СВР Охрид се темели врз демократски принципи, со целосно почитување и унапредување на човековите права и слободи и на вистинските вредности во општеството. Како сервис на граѓаните, практикуваме  современ начин на работа што подразбира блискост со сите граѓани, неселективна примена на полициските овластувања, исклучителна примена на законите, одговорно работење, транспарентност, рече Серафилоски .

По повод Денот на македонската полиција, охридскиот Сектор за внатрешни работи им додели признанија на најуспешните вработени.


За најдобар полицаец, на предлог на колегите, е избран Милисав Велоски  со 23 години работно искуство како полицаец.

– Многу ми е драго што сум избран по предлог на моите колеги. Ова признание за мене претставува поттик за понатамошна работа, а е резултат на подршката од семејството,  колегите, старешините, изјави Велоски, кој денес беше примен и од страна на градоначалникот Никола Бакрачески, кој во име на локалната самоуправа му подари ЛЦД телевизор.


За посебен придонес, соработка и подршка во работењето на СВР Охрид, денес им беа доделени благодарници и на началникот на Одделението за криминалистичка полиција, Аце Велјаноски, на командирот на Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај , Страшо Миленкоски и портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Т. Кувенџиска