Општинското средно училиште „Св.Климент Охридски“ со пригодна програма, синоќа во центарот за култура го одбележа патрониот празник. На свеченоста присуствуваа голем број гости, како и претставници на локалната самоуправа и други институции. Свое обраќање пред присутните имаше директорката Весна Цветкоска.

Претходно во галеријата на Центарот за култура беше отворена традиционалната изложба на родокрајните ликовни уметници. 

Исто така во Центарот закултура се одржа и традиционалната изложба на членовите на фотоклубот „Охрид“ која оваа година беше со тематика „Флора и фауна“.

Во рамките на чествувањата по повод празникот Св. Климент Охридски – Патрон на градот, вчера беше промовирана новата книга на проф. д-р. Димитар Пандев „Слова за Свети Климент Охридски“. 

-Приказната за Св. Климент Охридски, освен во свеста на охриѓани како роднокрајна, никогаш не е докрај разјаснета, ни растајнета. Таа е дел од охридскиот милениумски непремолк пред кандилата во секоја варошка куќа.Таа е стапалка Климентова на ридот надохридски каде по којзнае којпат, уште еднаш е препеан псалтирот од патници- намерници за која известуваат Миладиновци. Таа е Светиклиментова столица за која, од охридските лозја, пее Прличев. Таа е Климентово слово за кое пеејќи за Охрид, стихијно- застихува Рајко Жинзифов. Таа е и оваа најнова книга на проф. д-р Димитар Пандев. – рече промоторот Митре Вељаноски. 

Авторот на книгата „Слова за Свети Климент Охридски“ проф. д-р Димитар Пандев, рече дека му претставува посебно задоволство што во една книга, со поддршка на општина Охрид, собрани се неговите беседи за Свети Климент и најави дека набрзо ќе обелодени дека ја завршил новата книга која ќе биде на охридска тема.

На промоцијата на книгата чие издавање го помогна Локалната самоуправа присуствуваше градоначалникот Јован Стојаноски, кој рече дека со ваквите дела се збогатува многувековната охридска културна и книжевна ризница.

OhridNews