Денес се одбележува 14- ти јуни, Светскиот ден на крводарителството. По тој повод, во просториите на Одделението за трансфузиологија при Општата болница, беше организирано дарување крв.

Црвениот крст во соработка со одделението за трансфузиологија, во првите пет месеци од годинава го има надминато планот за крводарување за 2,5 проценти.

Со задоволство можам да истакнам дека Охрид високо котира според бројот на собрани единици крв и организирани крводарителски акции, се надевам дека така и ќе продолжи во наредниот период, истакна Сашо Точков, претседател на општинскиот Црвен крст.

Минатата година, во Охрид, се евидентирани  2. 600 крводарувања, број кој го надминува планираниот за една година.

Доктор Соња Србакоска, од одделението за трансфузиологија, обајснува дека крв доброволно може да даруваат сите здрави луѓе на возраст од 18 до 65 години.


–  Пред дарувањето крв, се врши лекарски преглед, се одредува  јачината на крвта, доколку е таа јака, крводарителот може да дарува. Следува лекарски преглед, се мери крвен притисок, се слуша срцето, се оценува севкупната здравствена состојба, вели д- р Србакоска.

Крвта, се зема  во пластични ќеси, користејќи безболни игли. Целиот процес трае од 5 до 10 минути, а потоа крводарителот добива оброк, освежување, како и потврда за два дена платено отсуство од работа.

OhridNews