Со пригодна свеченост денеска во Охрид за првпат се одбележа Светскиот ден за разновидност на културите, за дијалог и развој. Во рамките на проектот „Разликите зближуваат“ преку разни мултикултурни активности децата порачаа дека јазикот и традицијата не смеат да бидат пречка за комуникација и другарување.

Различните верувања, обичаи, празници треба да ги зближуваат младите, никако да ги разделуваат. Колку подобро се запознаваат и учат едни за други, толку повеќе ќе се почитуваат, порачаа организаторите.

Целта е децата да научат да ја слават различноста, но и да сфатат дека разликите се богатство и привилегија. Музиката е универзален јазик па затоа токму преку песна и игра ги споивме да станат блиски да умеат да ги почитуваат и слават различностите. Целта е да се промовираат заедничките вредности што сите ние ги имаме, без оглед на социјалните, политичките или етничките и верските разлики. Младите треба да ги почитуваат различните обичаи, традиции и култура, а тоа може да се случи доколку одблизу се запознаат со нив. Да изчезнат меѓуетничките предрасуди и да се гради едно општество за сите, велат од Здружението за развој и унапредување на културата, екологијата и туризмот „Нова порта“ носител на проектот кој е поддржан од Општина Охрид.

Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски вели дека е посебно горд што Општината за првпат слави одбележување на Денот на културната разновидност и најави дека негувањето на мултикултурализмот и промоцијата на различностите ќе прерасне во традиција.

Денеска сум посебно горд што со реализацијата на овој проект Општина Охрид стана водечка општина во земјава која ја слави различноста преку културната разновидност со која најдобро се гради едно општество за сите. Само доколку ја разбереме мултикултурата како национално богатство можеме да кажеме дека сме успеале да создадеме подобар свет за живеење, полн со разбирање и толеранција, кажа Божиновски.

На денешниот настан децата од основното училиште „Братство Единство“, кое денеска одбележува 75 години од своето постоење, ги презентираа традицијата и обичаите како и народната носија препознатлива за нивната етничка припадност.

Од ова училиште сите ние успеавме да изградиме дом. Дом во кој децата зборуваат различни јазици, но играат и се смеат на ист начин. Дом во кој наставниците се припадници на различни култури, но предаваат со едно исто срце. Дом во кој секоја вера се почитува, секоја традиција се прифаќа, а секоја различност се слави, кажа директорот Мехмед Џемал.

Учениците од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ пак подготвија мултикултурна софра со традиционална храна од сите еднички заедници.

Навистина сме горди што сме дел од еден ваков настан каде нашите ученици приготвија традиционална храна карактеристична за сите еднички заедници. Ова е начин младите да се запознаат со различните традиции со нови култури и со нови начини на готвење и да се почитуваат меѓусебно оти сите ние сме дел од едно општество, вели директорот Тони Андрески.

Здружението за развој и унапредување на културата, екологијата и туризмот „Нова порта“ во својата мисија предвидува унапредување на граѓанското општество и локалните заедници, како и и вршење на дејности и активности за поттикнување на моралните вредности и зајакнување на меѓуетничките односи.

Токму со овој настан придонесуваме кон изградба на отворено граѓанско опшество со етничка толеранција, почитувајќи ги вредностите на меѓуетничкиот живот и соживот, велат од „Нова порта“.

Секоја година на 21 мај, светот го одбележува Светскиот ден на културната разновидност за дијалог и развој, инициран од УНЕСКО во 2001 година со усвојувањето на Универзалната декларација за културна разновидност . Овој ден е можност да се прослави богатството на светските култури и да се истакне значењето на меѓукултурниот дијалог за постигнување мир и одржлив развој.

OhridNews