Во прекрасен амбиент на охридското крајбрежје, со едукативни игри, многу забава и дружење, бројни креативни содржини подготвени од аниматорот Анета-кловнета, децата кои ја следат Бреинобреин програмата во Центарот за развивање животни вештини БОБ-Црвен крст Охрид го прославија 15 годишниот роденден на центарот БОБ-Црвен крст Охрид.

Колоритот на овој настан го збогатија и родителите кои се најголемата поддршка на децата и признание за нашиот центар, а секако и тренерите на БОБ програмата кои со својата висока професионалност и искрена посветеност придонесуваат за успехот на децата и профилирање на БОБ-Црвен крст Охрид центарот како еден од најдобрите во светски рамки, посочуваат од Центарот.

Воедно изразуваат голема благодарност до сите оние кои им ја укажале довербата и овозможиле, во овие 15 години работа на Центарот за развивање животни вештини БОБ-Црвен крст Охрид, преку 100 деца да ги завршат сите десет нивоа од оваа програма и кои како лидери во својата средина трасираат нови патишта за развивање на едно похумано и поефикасно општествено живеење и делување.

Следува уште еден настан за одбележување на јубилејот 15 години од работата на БОБ-Црвен крст Охрид-Центарот за развивање животни вештини, на 18 септември, на кој „главните улоги“ ќе ги имаат учениците кои ги завршиле сите 10 нивоа од Бреинобреин програмата во нашиот центар, додаваат.

OhridNews