Пред спомен обележјето во селото Велгошти, денес во организација на општина Охрид и Месната заедница од Велгошти, за прв пат, свечено беше одбележана стогодишнината од Охридското востание. На одбележувањето на овој голем историски настан,  делегации на општина Охрид, политички партии и здруженија на граѓани, на споменикот на загинатите во востанието положија  свежо цвеќе. За значењето на Охридското востание, зборуваше секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.

– Денеска со гордост, за прв пат , ја одбележуваме стогодишнината од Охридското востание и  се потсетуваме  на еден голем  настан од македонската историја, кој за жал од идеолошки причини бил заборавен. Ваквите чествувања се наш долг кон историјата и долг кон оние кои ги дале животите за македонската кауза- рече Спасески.

Охридското востание било предводено од охридскиот војвода  Петар Чаулев и стружанецот Милан Матов , брат на Христо Матов, чиј син присуствуваше на денешното чествување. Тоа било организирано во соработка со албанскиот револуционерен комитет, што всушност претставува и соединување на македонците и албанците , против тогашната српска окупаторска власт.

Востанието се случило во 1913 година, кога е потпишан Букурешкиот мировен договор и според историчарите е резултат на незадоволството на народот од потпишувањето на мировниот договор и претставува израз на револт кон големите сили поради нивното учество во потпишувањето на документот со кој е распарчена Македонија.

OhridNews