Делегации на Општина Охрид и останати институции во градов положија свежо цвеќе пред спомен куќата на Марко Бошнаков со што се одбележаа 115 години од неговата смрт.
Чествувањата продолжија со културно уметничка програма во спомен куќата на Христо Узунов.
За делото на Бошнаков беседа одржа заменик-градоначалникот на Охрид, Перчо Божиновски, кој истакна дека тешко е да се најде достојно ниво на изразување благодарност за највисокиот патриотски чин на охридскиот ѓемиџија и неговата заможртва за самобитноста на македонскиот народ и градењето македонска држава.
Секоја генерација има своја битка и свои елементи на патриотизам. Денеска петриотизам значи да се учи, да се донесе нешто за својот град, позитивни процеси, да се напише нешто за својот град, да се помогне на секој еден наш соѓраганин и кој си ја сака својата татковина. И врз база на тој момент на патриотизам кој го живееме сега треба да го градиме градот понатаму. Да создаваме подобри услови за живот за себе и подобра иднина за своите деца, рече Божиновски.
Во рамки на свеченостите настапија членовите на КУД „Гердан од бисери“, а историски час одржа кустосот при охридскиот Завод и музеј, Горан Митрески.
Инаку, охриѓанецот Марко Бошнаков е роден во 1874 година во Охрид, каде го завршил основното образование, додека средното образование го завршува во педагошкиот отсек на солунската гимназија. Поради својата револуционерна активност е исклучен од образовната установа. Во гемиџискиот кружок се вклучува во 1901 година со убиството на уредникот Михаилјану во Букурешт. Потоа директно се вклучува во идејата на гемиџиите, изнајмувајќи ја својата бакалница на гемиџиите во Солун.
Тој беше еден од неколкумината кои ги преживеаа Солунските атентати изведени од групата млади македонски патриоти, наречени солунски атентатори. Тој беше заробен од аскерот во Солун и осуден на смрт. Смртната казна му беше заменета со доживотна робија што ја отслужуваше во тогашниот злогласен затвор Музрул во Африка, каде и умре на 27 февруари 1908 година, само неколку месеци пред да се прогласи амнестијата од страна на Младотурците.
Марко Бошнаков во својот претсмртен час на неговите другари Павел Шатев и Ѓорѓи Богданов им оставил аманет „Ако телото се тркала, не дозволувајте истото да се случи и со главата“. Единствените преживеани гемиџии, Шатев и Богданов го исполниле аманетот на Бошнаков така што ја отсекле главата од беживотното тело и ја донеле во неговиот роден град.
OhridNews