На пригодна свеченост, во поранешната касарна во Охрид, беше одбележана 81 годишнината од формирањето на шестата народноослободителна бригада и 33 годишнината од формирањето на шестата пешадиска бригада на Армијата на Република Македонија.
Формирањето на шестата народноослободителна бригада претставува круна на Народноослободителното движење во регионот, оттаму што означува формирање едно национално тело за борба против фашизмот, рече градоначалникот Кирил Пецаков во обраќањето пред присутните поранешни армиски генерали во пензија, претседатели на воените ветерани и резервисти на Република Македонија, на Сојузот на борци од Охрид, претставници на СВР Охрид како и на повеќе актуелни и поранешни припадници на единицата за развојниот и борбениот пат на 6 пешадиска бригада.
Нашата татковина е родена на придобивките на НОБ, а првото заседание на АСНОМ практично претставува остварување на вековните идеали на македонскиот народ за создавање на своја државност и самостојност. Тие придобивки во голема мера се добиени благодарение на активностите на ваквите воени единици кои организирано и жестоко се спротиставуваат на фашизмот преку плејада на македонски граѓани кои заеднички се бореле против фашизмот. Затоа, наша обврска и Света должност е да ги негуваме и предедаме тие придобивки на идните генерации, истакна Пецаков.
Во 90 – те години од минатиот век, додаде, ја стекнавме нашата независности и самостојност, токму тука во просториите на охридската касарна каде е формирана Шестата пешадиска бригада.
Зборувајќи за овие два значајни датуми од 1944 и 1992 година уште еднаш потсетуваме дека без почит кон минатото, ниту има просперитет на сегашност, ниту ќе има подобра иднина. Секоја генерација има своја борба и свој стремеж. Нашиот е насочен кон подобар и подостоинствен живот, со цел оваа наша земја да биде заеднички дом на сите граѓани кои својата иднина и иднината на идните поколенија ја гледаат во демократска, модерна и европска Македонија, подвлече Пецаков.
На настанот се обрати и полковникот во пензија и претседател на Здружението на ветераните и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија-огранок Охрид, Добре Велјаноски.
Ние ветераните, правиме се, минатото да не се забораави, низ Дебрца направивме повеќе спомен објекти, а овде во касарната, направивме спомен соба во чест на нашата прославена Бригада, рече Вељјаноски.
Во рамките на активностите делегација на Здружението на ветераните и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија-огранок Охрид, положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот командант на Гарнизонот на АРМ во Охрид, полковникот Јосип Хајба.
За посебен придонес во формирањето на бригадата, во 2023 година, доделени беа благодарници постхумно на првиот командант на Гарнизонот на АРМ во Охрид, полковникот Јосип Хајба на полковник во пензија, на тогашниот заменик на командантот, полковник во пензија Павле Момироски како и на градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, за искажаната помош и поддршка за отворањето на спомен собата на 6-та Македонска народно ослободителна бригада, лоцирана во охридската касарна.
Организатор на настанот е Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија.
OhridNews