Одбележан јубилејот 120 години од херојската погубија на Методи Патчев. Настанот започна со извонредната изведба на народната песна „Јас Методи Патчев од Охрида“.

Потоа цвеќе пред спомен облежјето положија делегација од Општина Охрид предводена од градоначалникот Кирил Пецаков, делегација од членовите од семејната лоза на Методи Патчев, директорката и претставници од ОМУ „Методи Патчев“, претставници од Здружението „Методи Патчев“, како и делгации составени од советници, политички партии, пратеници во Собранието на РСМ, здруженија и поединци, почитувачи на ликот и делото на Методи Патчев.

Историски час за ликот и делото на Методи Патчев одржа Михаил Патчев, магистар по историски науки и член на фамилијарната лоза на Патчев кој истакна дека Патчев е една од најмаркантните личности од македонската револуционерна борба, кој бил затапник на Гоцевите принципи на ВМРО, противник на вантрешниот и надворешниот врховизам. Бил револуционер чија дејност ја одобрувал и легендарниот револуционер Гоце Делчев.

И денес после 120 години од херојската смрт на Методи Патчев кон неговото револуционерно дело со посебна почит се однесува секој македонец. Неговото дело во борбата за слобода на македонскиот народ е непроценлива. Тоа е реткост не само во нашата револуционерна историја, туку и во историјата на светските револуции. „Подобро секој борец храбро да замине, отколку околу вратот да носи синџири“ го заврши говорот Михаил Патчев со познатата изрека на војводата.

Инаку, Методи Патчев, животот го загубил на 7 април 1902 година во Кадино Село во близина на Прилеп.

Н.С.Ј.