ТАВ Македонија денеска го одбележа отворањето на две нови дестинации на Виз ер од Меѓународниот Аеродром Скопје – Турку и Ларнака, и поставувањето на 5-тиот авион на Виз ер во базата во Скопје.
Со традиционална воздухопловна свеченост – воден мост во форма на виножито за првиот авион и колачиња за патниците, Меѓународниот Аеродром Скопје, попладнево го пречека првиот лет на новата директна авиолинија на Виз ер од Турку, град на југозападниот брег на Финска. Со време на поаѓање од Меѓународниот Аеродром Скопје во 06:00 часот, а време на пристигнување од Аеродромот Турку во 12 часот и 55 минути, оваа директна авиолинија ќе сообраќа во текот на целата година, два пати во неделата, односно, секоја среда и недела.
Втората нова дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје, што исто така почнува да сообраќа од денеска, е Ларнака, град на јужниот брег на Кипар и главен град на истоимената област. Првиот лет од Скопје до Ларнака полета денес во 13:50 часот. Оваа редовна авиолинија на Визер ќе сообраќа секоја среда и недела, со време на поаѓање од Меѓународниот Аеродром Скопје во 13:50 часот, а време на пристигнување од Аеродромот Ларнака – 19:05 часот.
Од ТАВ Македонија истакнаа дека се среќни и горди што овие нови авиолинии се додаваат на долгата листа на градови кои се поврзани со директни летови од скопскиот аеродром, како и новите дестинации од охридскиот аеродром – Дортмунд, која почна во јули, и Меминген, авиолинија што ќе почне од 2-ри август 2019 година.
Турку, важен бизнис и културен центар на Финска, како нова дестинација е комплетно нов пазар за нас и веруваме дека нашите клиенти и туристите за брзо време ќе ги увидат бенефициите од оваа авиолинија, исто како што и Финците би имале шанса да ја посетат и да ја откријат нашата земја. Од друга страна, Ларнака, градот познат по морскиот брег со палми и долгите плажи, со услужниот сектор како главна економска гранка, вклучително и туризмот, ќе биде уште една атрактивна дестинација за нашите патници да ги истражат и да ги искусат убавините и природата на Кипар. Понатаму, новите дестинации на Виз ер од охридскиот аеродром – Дортмунд и Меминген, дополнително ќе го олеснат патувањето нашите патници од охридскиот регион. Генерално, активностите и резултатите на двата аеродрома покажуваат дека ние постојано работиме на зајакнување на нашата мрежа на авиолинии и се радуваме што ги додаваме овие дестинации на нашата листа на авиолинии што постојано се проширува. – изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Визер постојано ја следи побарувачката на клиентите од Северна Македонија за нови авиолинии со ниски цени за билети и одговара на неа со нудење можности за одлично патувачко искуство. Визер продолжува да биде најголемиот придонесувач за развојот на воздухопловството, туризмот и угостителството во Северна Македонија. Денес го прославуваме поставувањето на петтиот Ербас А320 и новите авиолинии од Скопје и од Охрид. Сега сообраќаме до 38 дестинации во 16 земји од Скопје. Добредојдени се сите патници да ги откриваат нашите нови и постојни европски дестинации додека ги уживаат ниските цени на Визер и одличното искуство во воздухопловите. – изјави Паулина Госк, менаџер за корпоративни комуникации во Визер.


OhridNews













