Нема посебни ритуали пред натпревар, идол му е Дарко Станиќ а со ракомет почнал да се занимава поради татко му и неговите браќа кои исто така биле ракометари. Црногорскиот голман Јагош Брауновиќ кој ја „троши“ втората сезона во дресот на Ракометниот клуб посакува место на списокот репрезентативци кои ќе патуваат на Европското првенство следната година.

Оваа сезона, Брауноиќ брилира на голот од Охрид. Црногорецот има само пофални зборови за клубот и градот кој дише и живее со и за ракометот.

Вистина е убаво е да бидеш дел од екипа каква што е Охрид. Задоволство е да играш пред полни трибини и навивачи „Рибари“ кои се срце и душа на клубот. Со оглед дека доаѓам од овие простории немав проблем да се аклиматизирам и најдам место во средината. Пред да дојдам во Охрид бев во Битола и Скопје и тоа уште повеќе ми помогна да прилагодам. Затоа можам да кажам дека во Охрид сум како дома. – изјави нашиот Брауновиќ на почетокот од разговорот.

Сака да одмара пред натпревар а нема некој ритуал кој мора да направи. Идол му е поранешниот голман на Металург, Дарко Станиќ.

Чудно но немам некој ритуал. Сакам да се одморам и да бидам фокусиран максимално. Сум видел некои ритуали но ете склоп на околности јас немам. Идол ми е Дарко Станиќ со кој доаѓаме од исти град. Поради него одбрав да бидам голман и воопшто не погрешив. – истакна голманот.

Епитетот репрезентативец е чест и задоволство но и мотив за Брауновиќ. Тој се надева на повик за ЕП кое ќе се одржи во јануари месец следната година. Црногорецот, констатно се наоѓа на поширокиот список но овој пат се надева дека ќе го помине последниот рез и ќе отпатува со репрезентацијата на континенталниот собир.

Притисок поради тој епитет има секако затоа што од мене се очекува да бидам се подобар и подобар. Но секако дека претставува чест и задоволство и мотивација. Сакам да бидам дел од репрезентацијата не само на ЕП туку и понатаму бидејќи чувството не се опишува со зборови. – потенцираше членот на Охрид.

21-годишниот чувар на мрежата од сега не размислува за иднината но посакува да направи трансфер во голем и добар клуб.

Моментално сум фокусиран само на Охрид. Јас и сите други во клубот даваме максимум и резултатите се такви какви што се. Секогаш одам чекор по чекор и не сакам да се залетам со ветувања каде и како ќе завршам. Да ја завршиме прво полусезона со Охрид како што треба, потоа регуларниот дел од Супер лигата и плејофот. Сакам да направам трансфер во голем клуб но за тоа потоа сега да направиме големи работи со Охрид. – заврши Брауновиќ.

Михаил Постоловски