Положено свежо цвеќе пред единственото спомен обележје во земјава на основоположникот на идејата за движењето на Црвениот крст Анри Динан, пред седиштето на Црвен крст Охрид. Поводот е одбележување на Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, како и неделата од 8-ми до 15-ти мај, како „Недела на Црвениот крст и Црвената полумесечина“.

Претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, вели овој ден е одбран бидејќи токму на 8-ми мај 1828 година е роден Динан. Пред спомен обележјето се поклонија претставници и волонтери од Црвен крст Охрид  и Црвен крст на Репбулика Македонија и претставници од Советот на Општина Охрид.

Остануваме посветени на идејата на хуманоста, солидарноста, продолжуваме со такви хумани активности за помош на ранливата категорија на граѓани, на сите оние на кои им е потребна помош. Во очи на овој настан, а во рамки на одбележување на Неделата на Црвен крст го реализиравме и 49-тиот општински натпревар по прва помош доста успешно во сабота и продолжуваме во текот на оваа недела да имаме дисеминациски сесии, ширењето на знаењето за Црвениот крст со сите волонетри од редот на младите, но и возрасните кои гравитираат кон Црвен крст Охрид, вели Точков.

Потенцира дека со бројни активности се обидуваат да привлечат што поголем број волонтери и засега нивната бројка е околу илјада.

Важиме за организација којашто има најголем број волонтери, од редот на младите имаме преку 500 луѓе, тука е групата за поддршка на стари лица, но и секој оној кој е добронамерен и ја вреднува хуманоста, солидарноста, толеранцијата, се тоа може да се најде во Црвен крст, да се научи и да се биде дел од оваа организација, се со цел да се најдеме на оние на кој име најпотребна помош, додава.

Истакнува дека голем е интересот кај младите да бидат волонтери што може да се види и од низата активностите од ПХВ циклусот каде преку сто волонтери од редот на младите изработуваа проекти, за кои  оценувањето ќе биде во текот на летото и месец септември, потесетувајќи дека токму младинската ПХВ програма во 2022 година беше најуспешна и Црвен крст се закити со пехар за најуспешна организација во целата држава.

Периодот што следува се актуелни активностите околу делот на спасувањето на вода, почнуваме обука од втората половина на јуни, обука за нови спасители на вода кои ќе бидат ангажирани и распределени на крајбрежјето, онаму каде ќе има потреба. Секако во тек се подготовки за осовременување на Центарот за вода кој ќе биде во каналот „Билјанини извори“. Планинската служба е активна 24/7 и достапна за сите потреби на тие кои ќе бидат во планинските предели и уште многу други тековни активности, додава Точков.

Н.С.Ј.