Синоќа во ОУ „Христо Узунов“ се оддржа третата по ред традиционална „Меѓугенерациска средба на младите и пензионерите“, во организација на Месниот огранок од „Горна Влашка Мала“, а во соработка со Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца.
Бројните присутни, меѓу кои и претставници од локалната самоуправа, имаа можност да уживаат во богатата програма, исполнета со староградски мелос, ученичкиот хор, доза хумор, музички и соло настапи на пензионерите, односно учениците.
Актуелниот претседател на Месниот огранок на пензионерите од „Горна Влашка Мала“, Слободан Пупиноски, потенцира дека во изминативе години преку низа настани и активности, се вложуваат напори за овозможување соодветен пензионерски живот на оваа категорија граѓани.
„Месниот огранок од „Горна Влашка Мала“, преку пишување соопштенија, непосредни средби со пензионерите и други форми на информирање, им овозможува на оваа категорија граѓани да се запознаат со се она што е поврзано и важно во нивниот живот. Тука се и организираните екскурзии на релација Охрид-Драч, како и онаа до Битола. Тоа се само дел од активностите на овој огранок, а нашите пензионери учествуваат во културно-забавни активности, односно во спортски настани.“ – потенцира Пупиноски.
Тој додаде дека оваа Меѓугенерациска средба, овозможува на едно место да се сплотат младоста и искуството.
„Преку оваа средба се пополнува оној генерациски јаз помеѓу најмладите и постарите. Нека овој настан, послужи како еден позитивен пример. Затоа вечерашната средба, можеме слободно да ја наречеме меѓугенерациска. Ќе додадам, дека децата се нашето богатство, кои со своето вечерашно присуство ги исполнуваат нашите срца и души.“ – додаде Пупиноски.
Претседателот на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца, Ѓорѓи Трпчески, истакна дека Здружението кое во ниту еден момент од постоењето не било политички определно, има над 9000 регистрирани членови кои припаѓаат на различни етнички групи.
„Уште на почетокот, сакам да кажам дека сме респектирано здружение, а тоа се потврдува со резултати кои ги постигнуваме во разни област. Тука е клубот на пензионери за снабдување со одредени неопходни артикли за нашите членови, како огревно дрво на рати без камата, месо, сирење и друго.“ – истакна Трпчески.
Тој додаде дека преку локалната самоуправа, Здржението на пензионери бара да се реши бесплатниот превоз за оваа категорија граѓани, да се отворат клубови, да се обезбедат простории за состаноци, да се подобри здравствената заштита, односно да се реши покрената иницијатива за изградба на Дом на стари лица кој е неопходен.
„Не го запоставуваме и прашањето, кое и тоа како е важно за оваа популација. Организираме излети, ревии на песни и ора, пензионерски спортски натпревари, односно трибина за информирање на пензионерите. Сакам да истакнам дека активностите кои ги презема нашето Здружение, се насочени и кон месните ограноци и на тој план сакаме да ги анимираме истите, сами да се вклучат и организираат во вакви или слични настани.“ – додаде Трпчески.
Членот на Советот при општина Охрид, Јадранка Василеска-Здравеска, во името на градоначалникот Никола Бакрачески, им посака добредојде на присутните, истакнувајќи дека во 4-годишниот мандат ќе бидат запазени барањата на пензионерите поднесени до локалната самоуправа.
„Посакувам оваа средба помеѓу младоста и искуството да стане традиционална и да има што повеќе вакви настани. Како членови во Советот, наше е да ве поддржеме и се надевам дека во нашиот мандат ќе успееме да оствариме она што го имате зацртно. Би сакала да ги поздравам младите, да знаат дека искуството и мудроста на животот е поддржана од постарите, а еланот за постигнување успеси е токму во вас.“ – истакна Василевска Здравевска.
Пред присутните се обрати и директорот на ОУ „Христо Узунов“ Тони Симоноски, како и претходниот претседател на Месниот огранок на пензионерите од „Горна Влашка Мала“, Димче Стојкоски-Лепиот. Двајцата, заедно со професорката Вера Буловска, се стекнаа со признанија доделени од Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца.
О.Т.