Одлични постигнувања на стрелците од двата охридски стрелачки клубови на четвртиот Куп во гаѓање со воздушно оружје-меѓународна програма.

Натпреварот се одржа во спортски центар во спортската сала „Наум Наумовски Борче“ во Скопје, а на истиот учество зедоа околу 60-тина стрелци од сите клубови во државата во дисциплините воздушна пушка и пиштол 10м. Купот натпреварите се во организација на Македонската спортска стрелачка федерација, а во согласност со правилата на светската стрелачка федерација ИССФ.

Постигнати се следниве резултати по категории:

Во дисциплината воздушен пиштол јуниори најуспешен беше Иван Милевски од СК „Охрид“ со изедначен личен рекорд од 547 кругови. Тој воедно беше поуспешен и од стрелците на пиштол во сениорска категорија каде највисокиот резултат беше 544 кругови. На вицешампионската позиција кај јуниорите се пласира Климент Мостро од ЖСК „Лихнидос“ со 542 кругови, а на третата позиција Никола Тодороски од СК „Охрид“ со 529 кругови.

Кај сениорите на пиштол нема пласман во најдобрите три, бидејќи учеството го откажаа Даниел Михајловиќ и Светлан Седмаков, додека Велибор Балоски од ЖСК „Лихнидос“ се пласира на 6-тата позиција со резултат од 518 кругови.

Кај јуниорките на пиштол повторно камбек на Стефани Савеска која по подолга пауза од неколку месеци поради повреда успешно се враќа на стрелачките терени. Со резултат од 534 таа ја зазеде вицешампионската позиција, додека нејзината клупска другарка Наталија Савеска се пласира на четвртата позиција. Веднаш зад неа се пласираа Милица Кочовска и Стефанија Кочовска на 5-тата, односно 6-тата позиција. Младата Ана Мостро се пласира на 9-тата позиција во истата дисциплина.

Кај сениорките на пушка Ива Маленко од СК „Охрид“ со резултат од 603.9 круга се пласира на третата позиција, додека пак јуниорките во истата дисциплина Теодора Спироска од СК „Охрид“ се пласира на 5-тата позиција со резултат од 592,6 круга. Тамара Кичеец, пак, од ЖСК „Лихнидос“ заврши како 8-мо пласирана.

Кај јуниорите на пушка значителен резултатски пад поради работни обврски во изминативе неколку месеци бележи Кристијан Балоски од СК „Охрид“ кој со резултат од 587,5 кругови се пласира на 6-тата позиција. Камбек за младиот Јован Баулоски од СК „Охрид“ кој по пауза од неколку месеци заради повреда на раката мораше да апстинира од тренинзите, па со резултат од 539,7 кругови се пласира на 12-тата позиција.

Стрелачките клубови од Охрид изразуваат голема благодарност до организаторот-МССФ и нејзиниот Претседател Јордан Тасевски, судиите и клубовите за безпрекорно и фер организиран натпревар.

Веќе следнава недела двајца претставници од охридските клубови влегуваат во состав на македонската репрезентација и ќе ги бранат боите на Македонија на најпознатиот единаесетти по ред Walther Youth Cup во Смедерево, кој воедно се смета како „младинско европско првенство“ бидејќи учествува „елитата“ во спортското стрелаштво од многу европски земји, истакнува Валентина Гоџоска, тренер-координатор.

OhridNews