Поради висока температура на судијата Ивица Стефановски одложено е објавувањето на пресудата во случајот „Монструм“ којашто требаше да биде соопштена денес во Основниот суд 1 Скопје. Обвинителството во завршните зборови што ги даде пред судот на 30-ти мај побара најстрога казна за осомничените.
На 5-ти јуни Одбраната во судскиот процес за случајот познат како „Монструм”, во кој седум лица се осомничени за тероризам и за соизвршителство, во Основниот суд 1 Скопје ги даде завршните зборови. Четворицата адвокати побараа ослободителна пресуда и нагласија дека обвинителниот акт се базира на претпоставки и дека обвинителството нема докази дека осомничените се извршители на петкратното убиство.
Адвокатот Насер Руфи рече дека уште од притворувањето на осомничените, во мај 2012 година, тие биле етикетирани како „убијци” и „монструми” со што била нарушена пресумпцијата на невиност, како од страна на одредени медиуми, така и од страна на некои институции. Во неговите, како и во завршните зборови на останатите тројца адвокати Митко Солаков, Ѓорѓи Настевски и Асми Алиспаѓиќ повеќепати беше повторен исказот на четворица сведоци кои на денот на убиството виделе луѓе кај Смилковското езеро, а кои категорично отфрлиле дека осомничените биле тие лица. Руфи голем дел од своите завршни зборови посвети на загрозениот сведок Е1, односно неговото сведочење, кој во исказите тврдеше дека на денот на убиството, како и неколку денови пред тоа ги видел осомничените кај местото на злосторството. Руфи рече дека сведокот пет пати давал различни и нелогични контрадикторни изјави. Исто така, Руфи во опсежните завршни зборови кои ги читаше речиси час и половина, рече дека нема директни очевидци на егзекуцијата, како и вербален доказ за наводниот договор меѓу осомничените за извршување на убиство, со што, рече, целиот обвинителен акт во недостиг на докази се базира на претпоставки.
Во врска со видео материјалите со радикално екстремистичка содржина пронајдени во запленетите компјутери на осомничените, одбраната рече дека тие немаат никаква врска со кривичното дело и дека тие видеа се достапни секому на Интернет.
Осомничените Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Сами Љута, Рами Сејди и Хаки Азири се изјаснија за невини и ги отфрлија обвинувањата. Во Монструм се осомничени и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во притвор во Косово.
OhridNews
извор Макфакс