На барање на градоначалникот Никола Бакрачески, советот на општина Охрид ја одложи расправата за прелог програмата за поставување урбана опрема. Причина за тоа, како што појасни Бакрачески, биле бројните сугестии и предлози од граѓаните заинтересирани за поставување на урбана опрема.
-Сметав дека стручните служби треба да ја доработат таа програма со цел да се задоволат и барањата на граѓаните заинтереирани за поставување урбана опрема меѓутоа и да се изнајде едно идеално решение кое ќе доликува на туристички центар каков што е Охрид во поглед на ставање кончен ред во поставување урбана опрема во градот.-изјави градоначалникот Бакрачески.
Градоначалникот и натаму останува на тврдењето дека општината нема да дозволи поставување тезги на секој чекор во градот. Јавноста, пак, очекува градските власти да опстојат на најавите за средување на хаосот во центарот на градот кој се повторува секоја година во туристичкиот штиц, што негативно се одразува на угледот на Охрид.
Соодветно решение очекуваат и угостителите, кои бараат градските власти да ги заштитат од нелојалната конкуренција.
-Ако сакаме повеќе гости центарот треба да бидде среден и уреден. Треба да им се помогне на угостителските објекти кои работат преку цела година. Ние имаме некој по 10 некој по 15 пријавени работници кои што ги плаќаме цела година а средствата за тоа треба да ги обезбедиме во два три мереци од сезоната. Нелојаната конкуренција е голем проблем затоа што тие кои отвараат само во сезона не плаќаат даноци и придонеси, а го берат кајмакот. Треба на посебни локации да се поставува урбаната опрема, дали тоа ќе биде спортскиот центар или друга локација не знам, но во центарот на Охрид не треба да се дозволи поставување на скари и друга таква урбана опрема, -изјави угостиелот Димитри Пендовски.
Локалната самоуправа има малку време да ја доработи програмата за поставување урбана опрема, со оглед на тоа дека туристичката сезона е на прагот, а во центарот на градот веќе можат да се забележат обиди за поставување тезги и друга урбана опрема.