Четири синдикати и две организации бараат од министерот за труд и социјална политика Диме Спасов да го одложи плаќањето на придонесите за хонорарците што треба да почне од Нова година, или ќе излезат на протести, објави „Вест“. Повелбата за солидарност, синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права ја доставија до Министерството за труд и му дадоа рок на министерот да ги прими на разговор до вторник.
„Сакаме да седнеме и да разговараме. Ние, потписниците на повелбата, во принцип, не сме против тоа да се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување за лицата што се доведени до ситуација со години да не можат да остварат права од пензиско и здравствено осигурување, иако вршат работа. Напротив, ние целосно сфаќаме колку е важно плаќањето на придонесите за пензиското и здравственото осигурување, како за самите работници така и за функционирањето на фондовите за пензиско и здравствено осигурување. Затоа бараме, преку засилени инспекции на Инспекторатот за труд, да бидат отстранети случаите на прикриена работа. Треба да се применат само постојните закони. Нема потреба да се малтретираат и дополнително да се осиромашуваат хонорарните работници. Но сега вака тие покажуваат дека Инспекторатот не им функционира“, вели Здравко Савески од левичарското движење „Солидарност“.
Во повелбата се бара и да се укине горната граница од шест просечни плати на кои се плаќаат придонесите. Менаџерите што заработуваат повеќе, треба да плаќаат повеќе придонес и на тој начин ќе има поголем прилив и во државните фондови за пензиско и инвалидско осигурување, сметаат тие.
Потписници на повелбата, покрај левичарското движење „Солидарност“, се и Синдикатот на УПОЗ, Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на македонската дипломатска служба и движењето за социјална правда „Ленка“.
OhridNews
Извор:„Вест“