Владината одлука за ограничување на пловидбата на чамци во Охридското Езеро го подели мислењето на јавноста. Според одлуката предвидува чамците кои не се регистрирани такси превозници нема да можат да пловат во езерото во периодот од 1-ви јули до 31-ви август во времето од 21,00 до 05,00 часот секој ден.

Како што информираат од Министерството за транспорт и врски, целта на одлуката е заштита на природната средина, подобрување на безбедноста во пловидбата и безбедноста на капачите во периодот на летната турстичка сезона, односно намалување на рибокрадството кое е често констатирно во текот на ноќните часови.

Ограничување на пловидбата со пловни објекти – чамци и скутери се однесува на целата површина на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро и тоа за чамци ограничувањето е за периодот од 01 јули до 31 август во времетраење од 21,00 до 05,00 часот секој ден, од 01 септември до 31 октомври во времетраење од 19,00 часот до 06,00 часот секој ден, од 01 ноември до 31 март во времетраење од 17,00 часот до 06,00 часот секој ден, и од 01 април до 30  јуни во времетраење од 19,00 часот до 06,00  секој ден.“ – информираат од ресорното министерство.

Од концесионерот „Пастрмка 2012“ кој од минатата година стопанисува со Охридското Езеро, велат дека владината одлука е исправна бидејќи рибокрадците се најактивни во текот на вечерните часови.

Оваа одлука на ресорното министерството е исправна и сигурни сме дека ќе се намали рибокрадството кое  е зачестено во текот на вечерните часови. На овој начин ќе се помогне во зачувувањето на рибниот фонд.“ – изјави Ристе Танасоски од „Пастрмка 2012“.

Дел од рекреативните „кајчари“ се противат на оваа одлука на министерството, потенцијарјќи дека преку неа се забранува слободното движење на граѓаните.

Доколку се работи за безбедноста на капачите апсурд е да има забрана за ноќна пловидба бидејќи во вечерните часови капачи скоро и да нема. Постојат и законски прописи за минимална далечина на пловидба од копно за различни категории на пловни средства.“ – вели еден наш сограѓанин.

Екологистите сметаат дека заштита на животната средина и Охридското Езеро како акватичен еко-систем, треба да се направи преку исфрлање  од употреба на  застарени „пенти“.

Доколку навистина сакаме да ја заштитеме околината и живиот свет во неа, треба да се воведат електрични мотори во употреба, а не да се забранува ноќната пловидба. И денската пловидба е со мотори на бензин или нафта кои и тоа како го загадуваат езерото.“  – потенцираат екологистите.

Повеќето граѓани сметаат дека решението за сите овие проблеми лежи во квалитетно образование за пловидба, соодветни тестови за добивање дозвола за пловидба и зголемен број на рутински контроли од страна на езерската полиција.

Потребни се и казни за прекршителите на законските прописи во однос на безбедноста на пловидбата и контроли од страна на концесионерите во соработка со полицијата за спречување на дивите риболовци. Само на тој начин, ќе ја подобриме заштитата на Охридското Езеро, како природен басен со автохтони и ендемични видови организми.“ – истакнува еден наш сограѓанин.

Инаку, Капетанијата на пристаништата во соработка со  Министерството за внатрешни работи – Езерска полиција ќе врши редовни контроли во однос на почитувањето на законските прописи, при што доколку се констатира прекршок, прекршителите на оваа одлука ќе бидат соодветно санкционирани.

Исто така,  Министерството за транспорт и врски апелира до сите граѓани да ја почитуваат одлуката со што ќе се придонесе за поголема безбедност, заштита на животната средина и подобар престој на туристите кои летуваат покрај езерата во Република Македонија.

O.T.