Доколку од страна на барателот уредно и навремено е поднесена целокупната документација изработена според важечката регулатива и доколку барателот навремено ги регулирал трошоците во однос на закупнината и комуналната такса,  добрението за урбана опрема ќе се издава за краток рок, кој не е подолг од една работна недела, информираат од општина Охрид.

Според новата Програма за поставување на урбана опрема за 2016 година, сите оние кои се заинтересирани за поставување на урбана опрема, можат уште веднаш да поднесат барање до Секторот за урбанизам и просторно планирање за извод од програма за урбана опрема кој претставува основен документ за започнување на постапката за издавање на одобрение на урбана опрема.

-По добивањето на овoј документ заинтересираните субјекти може да поднесат барање за издавање на одобрение за поставување на урбана опрема во кое што треба точно да го наведат периодот во кој што сакаат да го користат просторот (три, шест или девет месеци).  Во прилог на ова барање треба да биде доставен и проект за урбана опрема изработен според важечката програма за 2016 година, извод од програмата за урбана опрема и тековна состојба – доколку барателот е правно лице. После одобрувањето на проектот од стручните служби, доколку урбаната опрема се поставува на земјиште на Република Македонија на барателот му се изработува договор за закуп согласно важечката одлука донесена од Советот на општина Охрид, а доколку урбаната опрема се поставува на приватно земјиште барателот е должен  да достави доказ за сопственоста. Во двата случаи на барателите им се пресметува комунална такса за закупениот простор, појаснуваат од општина Охрид.

Откако ќе се комплетираат документите и се достави договор со ЈП „Охридски комуналец“ за одржување на закупениот простор на барателот му се издава одобрение за поставување на урбаната опрема за бараниот период.

Инспекциските служби при општина Охрид постојано ќе бидат на терен и доколку се забележи поставена урбана опрема без претходно добиено одобрение за поставување на урбана опрема, ќе ги санкционираат прекршителите.

OhridNews