На битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој е опфатен со предметот познат како „Транспортер“ кој го води Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО), Основниот суд Скопје 1 – Скопје , денеска му  одреди 30-дневен притвор, на што тој има право на жалба во рок од 24 часа преку овој суд до Апелационен суд Скопје.

„Жалбата на СЈО од 14-ти јуни и жалбата на осомничениот В.Т. од Битола кој е опфатен во предметот на СЈО во јавноста познат како ‘Транспортер’ против решението на судија на претходна постапка на овој суд, се одбиваат како неосновани. Решението на судијата на претходна постапка од 13.06.2016 година по повод предлогот на СЈО за определување на мерка притвор за лицето В.Т. се преиначува и се определува мерка куќен притвор во траење од 30 дена сметано од неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а поради постоење на причините предвидени во чл.165 ст.1 т.1 , 2 и 3 од ЗКП“, се вели во соопштението на скопскиот кривичен суд.

Истовремено, се додава во дописот од Основен суд Скопје 1, на Талески како осомничен во случајот, ми се забранува осомничениот да го напушти своето живеалиште без дозвола од судот, а доколку не се придржува на забраната, против него ќе биде определена мерка притвор. Надзорот над куќниот притвор ќе го врши СВР Битола, при што овластени службени лица од подрачната полициска станица во одредени временски интервали, ненајавено во текот на 24 часа, ќе го проверуваат присуството на осомничениот во неговиот дом. Исто така, со денешната одлука, за секое непочитување на решението од страна на осомничениот се задолжува надлежна полициска станица веднаш да го извести Основен суд Скопје 1 -Скопје.

Талески е обвинет во предметот „Транспортер“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство поради сомневање за незаконски тендери при организирање на транспортот на учениците од училиштата во регионот на Битола. Тој е првоосомничен во овој случај, а покрај него за злоупотреби со превозот на ученици во Битола осомничени се уште 21 лице, кои направиле 81 дејствие спротивни на Закон за јавни набавки, Закон за основно образование, Закон за средно образование.

Осомничените се товарат дека изработувале фактури со суми многу повисоки од договорените, а тие биле одобрени од директорите на училиштата. Наплатата била направена во 2012 до 2014 најчесто преку цесии оти им биле блокирани сметките поради неплатен превоз.

Специјалното јавно обвинителство од судот бара на Талески да му биде одредена мерка притвор. Двајца од осомничените се во куќен притвор, а на осуммина им се одредени мерки за претпазливост.

Битолскиот градоначалник е дел од групата политичари и нивни соработници, за кои, по целосното поништување на аболицијата од страна на претседателот Ѓорге Иванов, СЈО побара да им бидат одредени мерки за обезбедување присуство, поради кривичните постапки што се отворени против нив.

OhridNews
Извор:„Макфакс“