По повод 145 години од раѓањето на македонскиот револуционер и великан Тодор Александров, денеска во Велгошти се одржа „Спортски ден“ во организација на ООУ„Живко Чинго“ и Сојузот за училишен спорт.

Со оваа спортска манифестација се испраќа силна порака за афирмација на спортските дисциплини и промоција на здравите животни навики, рече во обраќањето пред присутните Катерина Стојаноска, советник во Советот на Општина Охрид.

Од дополнително значење е што овој спортски собир се одржува во чест на 145 години од раѓањето на македонскиот револуционер и великан Тодор Александров и тоа што е дел од една убава спортска приказна во Велгошти. Општина Охрид како и до сега продолжува да дава голема поддршка во спортот. Континуирано се вложува во подобрување на условите за тренинг, во училишните спортски програми, во спортската инфраструктура и во поддршка на младите таленти. Веруваме дека вложувањето во спортот е вложување во здрави генерации, во дисциплина, во тимски дух и во вистински вредности, рече Стојаноска.

Ваквите настани, посочи, имаат особено значење, затоа што спортот не е само натпревар, спортот е училиште за животот.

Овој спортски ден е можност да се дружите, да создавате пријателства и да ги покажете своите способности во фудбал, баскет, пинг-понг и шах. Секој од вас што денес е на теренот е победник, затоа што избрал активност и здравје. Секако, најуспешните ќе бидат наградени со пехари и медали, но најголемата награда е искуството и радоста што ги носи спортот. Драги ученици, продолжете да спортувате, да сонувате и да верувате во себе. Општина Охрид ќе продолжи да биде ваш партнер и поддржувач на секој чекор од вашиот спортски и личен развој, истакна Стојаноска во обраќањето до учесниците.

Во рамки на спортската манифестација беа организирани натпревари во дисциплините: фудбал за 6-то и 7-мо одделение; баскет во женска и машка конкуренција, за 8-мо и 9-то одделение; шах за ученици од 1-во до 9-то одделение и пинг-понг за ученици од 6-то до 9-то одделение.

OhridNews