Во Охрид денеска се одржа првата инфо сесија за предизвикот „Со дигитална трансформација до иновација”, која ја организираше Фондот за иновации и технолошки развој и Швајцарската агенција за развој SDC заедно со Касарна Хаб.

Целта е да се овозможи зголемување на иновативноства и конкурентноста на претпријатијата преку воведување на дигитални решенија кои ќе водат кон дигитална трансформација во нивното работење.

Дигиталната трансформација е неопходен чекор кој мора да го превземат малите и средни претпријатија доколку сакаат да бидат поконкурентни и поуспешни на пазарот, велат од ФИТР.

На настанот присуствуваа повеќе компании од земјоделско – прехранбениот и туристичкиот сектор, кои имаа можност да дознаат повеќе детали за предизвикот и критериумитe за аплицирање од страна на претставници на ФИТР и Increasing Market Employability – ИМЕ.

Се радуваме на уште еден успешен настан, исполнет до последното место со еснафот од туристичкиот, прехрамбениот и земјоделскиот сектор. На апликантите им посакуваме успех и им нудиме менторска помош во Касарна Хаб Охрид за пополнување на апликациите и бизнис планот, велат од Стартап центарот.

Следната инфо сесија ќе биде одржана во Скопје, на 31 јануари во организација заедно со Стопанска комора на северо-западна Македонија.

OhridNews