Денес се одржа јавно наддавање за издавање под закуп на плажите врз основа на јавниот повик за поставување урбана опрема –покриени и непокриени шанкови со локации на подрачје на Општина Охрид за период 2023-2026 година.
Како што неофицијално дознаваме дел од плажите за кои имало повеќе понуди, како Потпеш, Куба Либре, Кадмо, Канео на јавното наддавање ги добиле концесионерите кои последно стопанисуваа со истите.
Комисијата ќе ги разгледува евентуалните приговори, а се очекува официјално да бидат соопштени концесионерите во четврток.
Според јавниот оглас по завршување на јавното наддавање за секоја локација помеѓу Градоначалникот и најповолниот понудувач се склучува Договор за условите и начинот на користење и одржување на добиените локации, по што следува постапка за издавање на Одобрение за урбана опрема за поставување на истата.
Најповолниот понудувач може да пристапи кон поставување на урбаната опрема по добивање на Одобрение за урбана опрема. Предметот на јавниот оглас претставуваа 14 локации.
Инаку, плажите на Охридското Езеро две години беа без концесионери. Планот за управување со Охридското крајбрежје се уште е во изработка.
OhridNews