Сегашните 25 вработени во германската компанија за производство на делови од автомобилската индустрија ОДВ Електрик која неодамна започна со производство во Охрид, наскоро ќе се дополнат со уште 75 лица, а до 2016 се очекува да се вработаат уште 100 луѓе. Првиот инвестиционен циклус во вредност од еден милион евра е затворен. Од последната недела на месец декември фирмата започна со сериско производство, а до крајот  на јануари се очекува да се реализира и втората  линија и вториот циклус на инвестиции.

Треба да има четири линиии во три смени, а во моментот има само една линија во една смена, што значи дека бројот на вработени ќе се помножи минимум по осум пати. Втората линија сега завршува. Вториот производ треба да влезе некаде во април или мај и очекуваме годинава инвестициониот циклус да се дополни со уште еден милион евра и дополнителни 75 работни места. Наша проекција е до 2016 да се дуплира бројот на вработени, значи минимум уште сто вработени и да го завршиме нашиот проект на инвестиција во индустриската зона. Зоната се гради во три фази значи до крајот на 2016 треба да биде првата фаза и од тогаш ќе имаме две основни за побрз развој на фирмата и побрзо вработување. Ќе имаме свој простор каде ќе може да ги донесеме основните средства, а во фирмата ќе биде креирано и здраво јадро на вработени, изјави Огнен Чубалевски, проект менаџер во ОДВ Електрик.

Чубалевски нагласи дека во моментов се врши тренинг на вработените со цел да се постигне продуктивноста која засега е во рамки на предвиденото.

Ќе треба време за да се постигне потребната продуктивност со квалитет. Луѓето се гладни за работа и едвај чекаат да се појават фирми во кои ќе можат да работаат. Од друга страна постои еден јасен недостаток, индустриско неискуство поради тоа што големите фабрики кои постоеја со години само пропаѓале. Ние, како инвеститори, сме свесни за тоа и за она што треба да и го дадеме назад на оваа заедница, рече Чубалевски.

Чубалевски денес оствари работна средба со градоначалникот Никола Бакрачески на која првиот човек на градот беше запознаен со динамиката со која се реализира инвестицијата.

Ги разгледавме аспектите на динамика на развој на компанијата во делот на инсталирање на технологија и спроведување на технолошките процеси во прозводство на делови за автомобилската индустрија и секако, динамиката на воспоставување на кооперантски односи со локалните компании во Охрид и динамиката на ангажирање на што поголем број работни кадри од градот , информира градоначалникот.

Бакрачески потенцира дека локалната самоуправа, во рамки на своите ингеренции, ќе продолжи да дава максимална подршка и олеснувања за странските и домашни компании кои се подготвени да инвестираат во Охрид.

Т.Кувенџиска