Во рамки на акцијата „Сив пајтон“ која ја спроведува Државниот инспекторат за транспорт при Министерството за транспорт и врски во соработка со Министерството за внатрешни работи во текот на месец мај времено се одземени вкупно 23 возила со кои бил вршен нелегален превоз на патници. – Од почнувањето на акцијата до сега, времено се одземени вкупно 105 возила на лица кои не ги почитувале законските обврски и вршеле превоз без соодветните дозволи и лиценци, информираат од министерството за транспорт и врски.
Акцијата се спроведува претежно на влезно-излезните места од градовите и во сите општини во Република Македонија.
Согласно Законот за превоз во патниот сообраќај предвидена е глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност за лица кои вршат јавен превоз без соодветни дозволи и без лиценца. Освен предвидената глоба, предвидено е времено одземање на возилото што било користено за превоз на период од шест месеци до една година.
Акцијата „Сив пајтон“ континуирано продолжува да се спроведува во сите градови во Република Македонија со цел воведување на ред во превозот во патниот сообраќај, доследно почитување на законските прописи, намалување на нелојалната конкуренција и овозоможување сигурен и безбеден транспорт за патниците.












